Пластичните кеси да се исфрлат од употреба, ја загрозуваат животната средина и здравјето на луѓето
Наместо пластични кеси, граѓаните да употребуваат платнени торби. Еколошто друштво „Вила Зора “ ја подига свеста кај велешани за штетноста на најлонските кеси и нивно исфрлање од секојдневна употреба. Активистите на еколошкото друштво денеска ги анкетираа случајните минувачи во центарот на градот за тоа колку при нивното купување користат пластични кеси. Истовремено им делеа и платнени торби. Тие им посочија дека пластичните кеси се штетни по животната средина и здравјето затоа што се се разградуваат дури и по повеќе од илјада години, па се лесна мета за развивање на вируси и бактерии. На тој начин, преку ставање на храната во нив , граѓаните ги внесуваат во организмот.
„Сакаме да им поделиме на граѓаните платнени торби со цел да ги користат за време на купувањето . Од една страна да не фрлаат пари за пластични кеси , од друга страна да ја заштитат животната средина и нивното здравје“, рече претседателот на ЕД „Вила Зора“ Ненад Коциќ.
Статистичките податоци покажуваат дека во Македонија годишно се употребуваат повеќе милиони пластични кеси, што неколку пати би можеле да ја покријат целата територија на државата. Затоа екологистите ќе бараат измени во Законот за заштита на животната средина со кои пластичните кеси целосно ќе се исфрлат од употреба и во нивна замена да се користат платнените торби или биоразградливи кеси.
„Во Велес само две продавници даваат биоразградливи кеси, другите се сите обични. Тоа е многу негативен податок. Мислам дека целта на Законот што се промени не беше да се намали потрошувачката на пластичните кеси и да се заштити животната средина туку за да се направи бизнис за газдите на фирмите. Затоа ние ќе бараме измени во Законот, доколку се продаваат најлонски кеси тие да бидат биоразградливи или пак да продаваат платнени торби што граѓаните редовно ќе ги користат при купувањето“, рече Коциќ.
Огромна количина на пластични кеси биле најдени во утробите на рибите во океаните ширум светот. Екологистите се надеваат дека со ваквите акции ќе се подигне јавната свест кај граѓаните и целосно ќе ги исфрлат од употреба во секојдневниот живот./Д.С