„Протестирам“: Барањата остануваат исти, не се повлекуваме-остануваме на улица“
Од пред платото спроти Авона до плоштад Сармаале и вечерва по деветти пат протестираше „Протестирам“. Граѓаните поддржувачи на ова граѓанско движење и вечерва дојдоа да го искажат своето незадоволство од спроведувањето на политиките на актуелната власт. Тие како, што рекоа, излегоа на улица за да се спротивстават на авторитарното и корумпирано владеење на власта олицетворена во ликот на Никола Груевски. Извикувајќи ги веќе добро познатите пароли „Нема правда нема мир“, „Апаши“,„ Цела Шутка ВМРО“, „Вратете ги парите“, „Мафија на робија“, протестната поворка мирно се движеше по главната градска улица Благој Ѓорев за потоа преку улицата „8 септември“ да стигне до плоштад Сармаале.
„Барањата остануваат исти, не се откажуваме, не се повлекуваме затоа што улицата е нашиот втор дом и очекуваме брза разврска на ситуацијата во нашата земја и тоа уште оваа недела. „Протестирам“ и „Шарената револуција“ ги споија барањата, тие протестираат против автократното и корумпирано владеење на власта олицетворено во ликот на Никола Груевски. Протесите се ненансилни и мирни. Тие се основно право на секој граѓанин“, рече Дејан Ристов од „Протестирам“.
„Протестирам“ утревечер, четврток на христијанскиот празник Источен петок – Балаклија нема да одржи протест во Велес , туку од граѓанското движење најавија дека ќе продолжат во петок. Ќе протестираат секој нареден ден се до конечното исполнување на нивните барања./У.Ј