Опожарен, ноќеска, автомобилот на командирот на полициската станица во Велес
Опожарен е ноќеска автомобилот на командирот на полициската станица во Велес, Диме Ѓуров. Возилото марка тојота било паркирано пред семејната куќа на Ѓуров која се наоѓа на улица: „Киро Рогужаров“, во месноста викана Соколаана. Случката е пријавена во полициската станица ноќеска неполни два часа по полноќ. Според соопштението на СВР Велес увидна екипа излегла на местото на пожарот и направила увид. Резултатите од увидот ќе треба да ги утврдат причините за пожарот и евентуално да го откријат сторителот.
Денеска околу 11 часот, опожареното возило веќе не беше пред семејната куќа на Ѓуров. Глетката што таму не затекна покажуваше дека ноќеска имало пожар. Од огнот е опожарена влезната врата на гаражата, поголем дел од фасадата над гаражата и прозорец од куќата. Црна голема површина на бетонот пред скалите што водат на катот од куќата го отцртуваа местото на кое била паркирана тојотата.
Кога новинарот на Дума пристигна пред куќата таму беше и оштетениот Ѓуров. Тој разговараше со работниците кои интервенираа на камерата од видео надзорот на куќата. Штом ме забележа Ѓуров си влезе дома. Во моментот кога ги направив овие фотографии од паркчето кај Соколаана истрча еден од двајцата полицајци кои беа таму и побара да престанам да фотографирам. Потоа побара да стојам на улицата и влезе во домот на оштетениот.
По неколку минути,полицаецот излезе и побара да ги избришам фотографиите. Штом се спротивставив се оддалечи и повеќе не коментираше. Во тој момент на улицата пристигнаа и други новинарски екипи. Нив им беше забрането да фотографираат и да снимаат. Вториот полицаец побара од сите да си заминеме од улицата. Бидејќи се спротивставме полицаецот остана со нас се додека не заминавме но на оштетениот нему ја пренесе нашата порака дека го чекаме доколку сака да даде изјава.
Инаку, за случката со опожарениот автомобил на командирот на велешката полиција знаеја само соседите кои живеат од спротивната страна на куќата на оштетениот, од долната страна на паркчето кај Соколаана. Не беа многу расположени за разговор освен што изјавија дека глетката била стравична. Според нив брзо интервенирала пожарната и го угаснала огнот. Соседите кои живеат од горната страна на паркот беа изненадени кога новинарите ги прашаа што се случило ноќеска на нивната улица, околу 1 часот и 50 минути. Тие велеа дека немаат информација за опожарен автомобил на нивниот сосед./У.Ј