Внимавајте од каде пиете вода, бактериолошки неисправна е водата од селските водоводи, чешми и бунари
Жителите на Велес и приградските населби Превалец, Речани и Оризари пијат здрава вода. Од Центарот за јавно здравје и JКП„Дервен“ велат дека водата од Хидросистемот „Лисиче“, која што се преработува во фабриката за вода, е хемиски и бактериолошки исправна. Според директорката д-р Флорентина Шурбевска- Ристевск, за квалитетот на водата секојдневно се вршат испитувања како во лабараторијата на фабриката така и во Центарот за здравје.
И покрај зголемената потрошувачка, пред се поради високите температури, Велес има доволни количества на вода. Моментално од фабриката се пласираат по 170 литри вода во секунда која во целост ги задоволува потребите и на жителите од највисоките делови на градот. Доколку потребите се зголемат од ЈКП „Дервен“ велат дека фабриката има можности да ги зголеми количествата на вода.
Од Центарот за јавно здравје информираат дека жителите од селските населби на општините Чашка, Градско и Велес, пијат бактериолошки неисправна вода.
„Над деведесет и пет одсто од населението од селските населби пие бактериолошки неисправна вода. Од над триесетте водоводи само во општините Чашка и Градско водата се хлорира и според резултатите таа е бактериолошки исправна за пиење. Што е уште полошо поголем број од водоводите се изградени со средства на жителите пред повеќе од три па и четири децении и за нив никој не се грижи. Засега немаме појава на какви било болести поради бактериолошки неисправната вода пред се поради тоа жителите се навикнати на таква вода“, рече д-р Шурбевска Ристевска.
Според испитувањата на Центарот во реонот на општините Велес, Чашка и Градско и водата од природните чешми и бунари е бактериолошки неисправна. Во последно време испитувањата покажале дека на неколку пати негативни резултати покажала и водата од природната чешма во Башино Село додека ова лето за цело време негативни резултати покажувала и водата од „Шорка“.
Стоилко Андреевски