Амбулантата за трансфузиологија во Велес работи само два пати седмично додека лекарите бараат трансфузиолог да има секојдневно
Од први јули годинава одделот за Трансфузиологија во Велес работи со пациенти само два пати во неделата, во вторник и во четврток. Тогаш за граѓаните од Велес и општината се закажуваат прегледите на Мој термин. Во останатите денови единствениот лекар трансфузиолог во градот работи со крводарителите во соседната амбуланта во зградата што е дел од болницата. И тоа не е доволно, сметаат пациентите кои имаат потреба од честа проверка на факторот на коагулација на крвта. Според нив, Заводот за трансфузиологија ја знае потребата од најмалку уште еден лекар во Велес но, не вработува туку до пред одморите проблемот го решавал со испраќање на трансфузиолог од соседните градови.
Минатата недела пациентка што имала потреба од анализи поради пост оперативна рехабилитација на срце во Охрид била прифатена во термин кој не го пишува на листот хартија со работно време закачен на влезната врата на амбулантата за Трансфузиологија во Велес. Лекарот и ги направил потребните анализи затоа што без нив не можела да отпатува во Охрид иако и рекол дека ќе ја воведе во евиденција наредниот ден. Други пациенти пак рекоа дека медицинскиот персонал од амбулантата по телефон ги информирал за префрлање во термин за наредниот ден, во петок, затоа што во вторник и во четврток имало закажано по педесет прегледи и лекарот не можел да стигне да ги прегледа.
Овие информации ги имаат и општите лекари во приватните амбуланти во Велес. На состаноци на нивното еснафско здружение веќе разговарале за секојдневната потреба од анализи на пациентите со вградени стентови, мозочни удари или изливи. Претседателката на Здружението др Лили Чолакова Дервишова вели дека има потреба од секојдневна работа на трансфузиолог во амбулантата во Велес.
„Од ден во ден се е поголем бројот на пациенти со стентови и со кардијални аритмии во градот. На секој професионалец во моментот на влошена состојба на пациентот му треба да се провери факторот на коагулација на крвта, ИНР, итн. Многу често вредноста на ИНР – то кај пациентите е ниско 1,32 и тогаш има потреба да се вклучи аценокумарол, по генерика и кој веднаш ја подобрува состојбата на пациентот поточно го спасува животот на човекот. Особено важни се контролите на пациентите кои преживеале мозочни удари, им се вградени стентови, им е направена хистероктомија, преживеале инфаркти па и кај пациентите кои биле на операција за отстранување на органи. Тие треба често да се контролираат со анализи што се работат на Трансфузиологија,“ рече др Чолакова Дервишова.
Лекарката уште еднаш апелираше до здравствените власти да овозможат и Велес да има секојдневно специјалист трансфузиолог кој освен што ќе им ја олесни работата на лекарите ќе им овозможи и поквалитетни здравствени услуги на пациентите.
Убавка Јаневска