(ОБНОВЕНО) Обвинетите лекари за несовесно работење не се чувствуваат виновни за смртта на родилката Кадиева и бебето
Во судскиот процес да се докаже вината на тројцата лекари специјалисти во гевгелиската болница, анестезиологот Томчо Ванчев и гинеколозите и акушери Венци Чалков и Дончо Москов,кои покрај Хипократовата заклетва направија грешка во работата и при изведувањето на царскиот рез над родилката Маја Кадиева не постапија совесно, побара на денешната главна расправа јавниот обвинител Славица Темелковски. Таа додека го даваше воведниот збор во раце ги држеше фотографиите на починатата родилка Маја Кадиева и на нејзината прва рожба, шестгодишната ќерка Матеја.
Но, потоа тројцата обвинети лекари, Ванчев, Чалков и Москов, на денешното судење во Основниот суд во Велес пред судечкиот совет рекоа дека го разбрале обвинението и дека не се чувствуваат виновни.
Бранителот на Ванчев на судијката Габриела Гајдова и достави нови докази обезбедени од болницата во Струмица каде Кадиева на свет ја донела првата ќерка и за кои рече дека ја отсликуваат ризичната бременост во која таа тогаш се наоѓала. Тој додаде дека доказите ќе бидат значајни и за втората бременост на починатата родилка.
И бранителите на останатите двајца обвинети лекари изнесоа свои аргументи со кои сметаат дека ќе ја докажат невиноста на своите клиенти.
– Се надеваме дека судот објективно ќе ги изведе сите докази со што ќе се докаже невиноста на мојот штитеник, рече адвокатот Тоше Гошев.
– Се надевам дека од двете страни ќе се презентираат веродостојни материјални докази и судот ќе донесе законита одлука, рече адвокатот Борче Стојановски.
На судењето свои искази дадоа двајца лекари од гевгелиската болница кои критичната ноќ лани, на 22 октомври биле повикани да помогнат во реанимацијата на Кадиева. Првиот беше приватниот педијатар Ице Дојранлиев кој бил ангажиран и за потребите на болницата во која немало вработен ваков специјалист. Тој тврдеше дека стигнал три минути по повикот и ги затекнал директорот и анестезиологот кои вршеле реанимација на мртвата родилка. Др Дојранлиев го реанимирал мртво роденото бебе на Кадиева.
Вториот лекар, интернистот Патрик Матх тврдеше дека тој во операционата сала стигнал еден час претходно во моментот кога обвинетиот анестезиолог ја реанимирал Кадиева но таа немала срцева акција и не дишела. Тој предложил да се направи царски рез за да се спаси бебето и потенцираше дека лекарите од гевгелиската болница не биле обучени за реанимирање на мртва родилка со жив плод.
На денешната главна расправа трет сведок на обвинителството беше сопругот на Маја, Димитрија Кадиев кој се вознемири по исказот на интернистот.
– Жално, ако не се обучени зошто лекарите се нафаќаат на ваква работа, рече Кадиев.
Судскиот процес започна по скоро една година од трагичниот настан во гевгелиската болница. Во меѓувреме почина еден од вкупно четворицата осомничени лекари, др Зоран Јовановски, кој критичната ноќ беше дежурнеи и присуствуваше на породувањето на Кадиева во операционата сала на болницата. Судењето ќе продолжи на 19 и 23 декември, годинава.
Убавка Јаневска