Свечена седница за седумдесет и две години слободен Велес
На овој голем ден ја означуваме последната седумдесет и две годишна низа од историјата на Велес, на генерациите граѓани кои оставиле белег на градот и со своите дела се пример за идните поколенија . Ова е дел од говорот на градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, кој вчера пред присутните гости во салата на театарската зграда ја отвори свечената седница по повод празникот на градот, 9 ноември. Тој се осврна на достигнувањата на Велес во изминатиот четири годишен период на сите полиња и спомна дека градот останува на младите кои својата иднина ја гледаат тука.
– Токму затоа ги градиме индустриските зони и работиме на зголемување на интересот на домашните и странски инвеститори. Минатата година започна со работа фабриката Маркард, годинава се потпишаа договори за уште две странски инвестиции, во погоните на поранешна Порцеланка, а неодамна во погоните на поранешна Нонча Камишова отпочна со работа германската фирма СТС Текстајл. За почетокот вложувањето е четири милиони евра, а во наредните пет години се очекува таа да достигне до седум милиони евра. И оваа фабрика ќе вработи илјада лица кои ќе произведуваат индустриски текстил за автомобилската и техничката индустрија. Нашите напори се да ги искористиме максимално постоечки капацитети и да создадеме услови за нови капацитети, рече Чадиев.
Спомен плакета за успешна соработка, на свечената седница му беше врачена на сопственикот на фабриката Маркард.
– Успехот во Велес не би бил можен без своите вработени и нивната посветеност, ден по ден да испорачаат производи со врвен квалитет кои нашите клиенти ги очекуваат од нас. Ја примам наградата со радост и со задоволство во мое име и во име на сите вработени во Маркард Македонија. Се надевам дека со ваква успешна соработка ќе продолжиме и во наредните години, рече сопственикот на Маркард.
На вчерашната свечена седница беа доделени општинските награди 9 ноември. Освен Маркард, спомен плакети добија и министерот без ресор Џери Наумов, д-р Милчо Трајков и д-р Тања Анѓушева од болницата „Филип Втори“ Скопје. Благодарници им беа доделени на Народниот музеј, на новинарката Дијана Иванова и на архитректите Моника и Илија Стојчевски.
Пофалници добија планинарот Љупчо Ѓорѓиев, актерката Слободанка Чичевска, виолинистката Камелија Дукова и Младинскиот црковен хор „Св. Кирил и Методиј“.Признанието за најстудент „Ѓорѓи Шоптрајанов“ го доби студентката на медицински факултет надица Шкрекова. Наградата за животно дело „Гемиџии“ им беше доделена на примариус доктор Анѓел Мајсторов и академик Фехим Хусковиќ./Д.С