СДСМ го бара ветениот пешачки мост во Башино Село на Градоначалникот Чадиев додека од општина Велес соопштија дека конструкцијата се изработувала
Осум години ВМРО ДПМНЕ им ветува на жителите на Башино село дека ќе направеле пешачки надвозник што ќе го поврзе селото и црквата „Свети Никола“ каде се наоѓаат селските гробишта. По неколку месеци од поставениот камен темелник го нема надвозникот и нема никакви градежни активности, иако Чадиев ги одработува последните денови од мандатот,обвини Општинската организација на СДСМ во Велес на денешната прес конференција .
– Никакви изговори, слики од некакви железни конструкции, ниту пак барани дозволи од разни министерства нема да го оправдаат Чадиев пред жителите на Башино село. Осум години имаа мандат и доволно време да им го реализираат ова ветување, кое самите им го дадоа на граѓаните. За ова ветување на ВМРО ДПМНЕ, жителите на Башино село коментираат „Ветено – Нереализирано“. Ќе останат во сеќавање само фотографиите од камен темелникот, кои за лични и партиски цели на Чадиев и ВМРО ДПМНЕ пополнуваат место во нивниот таканаречен Отчет. На Чадиев му е позначајно книгата наречена Отчет за четири години да изгледа што поголема, отколку да се справи со вистинските проблеми на жителите на Башино село. Граѓаните на Башино село не заслужуваат ваква неодговорна и неспособна локална власт, рече портпаролката на СДСМ, Весна Стојанова Богоевска.
На ваквите обвинувања денеска реакција стигна од општина Велес. Како и досега, во неа се повторува дека поради неинформираноста , СДСМ продолжувал со партиски прес-конференции без јасна цел како и со лаги.
„ Со цел да ја информираме јавноста и да се знае вистината сакаме да соопштиме дека пешачкиот мост е во најголем дел метална конструкција. Неговата изработка е во напредна фаза. Истиот се прави во погоните на фабриката која на тендер е избрана да го изработи. Согласно нивните проценки и диманика на работа, очекуваме до крајот на месецов мостот да биде завршен и истиот да се монтира, процес кој нема да трае повеќе од еден ден. Во меѓувреме на лице место потребно е да се ископаат единствено стопите за поставување на мостот, напишаа од општина Велес без да го соопштат идентитетот на фабриката каде се изработува конструкцијата на мостот./У.Ј