(ФОТО) Професори и средношколци од гимназијата „Сомаре“ од Шербур, Франција во посета на Велес
Триесет и еден ученик и седуммина професори од гимназијата во Шербур во текот на денот имаа можност да проследат презентација за културните и туристичките потенцијали на Велес и на лице место да посетат повеќе знаменитости и локации меѓу кои Народниот музеј, спомен костурницата и црквите.
На приемот во Општина Велес, свечено беше откриена уметничка слика дело на графичарот Ален Буо од Шербур која е предадена како подарок на општината. Потоа француските професори и средношколци беа гости на гимназијата „Кочо Рацин“ каде остварија средба со своите колеги и соученици. Таму одигра пријателски натпревар во мал фудбал со средношколци од ССОУ „Коле Неделковски“.
Професорот Филип Лебур, кој ја предводи делегацијата, за посетата на Велес рече дека е вовед во нова соработка.
– Првично соработката е планирана на база на разменување на информации и на допишување а потоа зошто да не организираме посета и на велешките средношколци во Шербур. Би ги примиле ние со големо задоволство. Надлежноста за организирање на такви настани е на Општина Шербур и очекуваме Градоначалникот да каже како и кога би може да се случи тоа. Ние се надеваме дека до возвратна средба ќе дојде, рече професор Лебур.
Запрашан кој се неговите први впечатоци за Македонија професор Лебур рече дека станува збор за убава и гостољубива земја.
За разлика од долгогодишната соработка со гимназијата „Алекси де Токвиљ“, со која Велес во три наврати оствари училишна размена, делегацијата на гимназијата „Сомаре“ за првпат е во Македонија. Нивната посета низ земјава продолжува со посета на винаријата „Тиквеш“ во Кавадарци а потоа патување кон Дојран од каде ќе заминат и во Битола кога ќе остварат средба со Амбасадорот на Франција во Македонија, Н.Е Кристијан Тимоние за потоа да го разгледаат и Охрид./У.Ј