Стојановска, Костова и Стојановски најуспешни просветни работници за 2018 година (ФОТО)
Одделенската наставничка Лорета Стојановска, наставникот во предметна настава во основно училиште Илчо Стојановски и професорката во средно училиште Филимена Костова се прогласени за најуспешни просветни работници за 2018 година во Општина Велес. Нив ги избраа три комисии составени од членови на двете здруженија на просветни работници и од вработени во општинската администрација.
– Ми претставува чест и задоволство што ова признание го во раце. Ке ми биде предизвик и поттик за многу други понатамошни успеси. И благодарам на Општина Велес како и на моите колеги, ученици и нивните родтели кои секогаш биле до мене и ми пружале несебична поддршка и соработка. Голема благодарност упатувам до моите родители од кои учев многу за професијата што ја избрав и секако до моето семејство кое ме поддржува, рече наградената одделенска наставничка Лорета Стојановска.
– Јас денеска дојдов без дневно за што многу ви се извинувам на сите присутни. Но, сакам многу да му се заблагодарам на мојот колектив кој застана зад мене и ме предложи за оваа престижна награда, рече наградената професорка Филимена Костова.
– И јас дојдов без дневно. Прво би сакал да му се заблагодарам на колективот потоа на сите ученици и родители во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ со кои што соработуваме, на Општина Велес и на сите просветни работници би им посакал да ја добијат оваа награда, рече наставникот Илчо Стојановски.
Нив наградите им ги врачи Градоначалникот Аце Коцевски.Честитајќи им тој ја нагласи улогата на наставниците за развојот на Велес и Република Македонија.
– Во ова време кога сме исправени пред историски предизвици за Македонија, улогата на наставниците во примената на новиот систем на вредности ќе биде од суштинско значење за развојот на идните европски генерации. Неретко и денес, во случаите кога најпаметните и најуспешните луѓе на светот ги прашуваат како стигнале до тој успех тие одговараат со два суштински збора „Имав учител“.Тоа е вашиот безвременски печат низ вековите и сите простори како продолжувачи на делото на браќата „Св. Кирил и Методиј“, како носители на трагите на Глаголицата преточени во нови науки и вештини, рече Коцевски.
Општината годинава за прв пат по повод 24 Мај, денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, прогласи ученици од велешките основни и средни училшта кои особено се истакнале во образовниот процес и постигнале резултати. Тоа се Ребека Манева и Вероника Гиовска во основно и Никола Стојменов и Михаил Трајков во средно образование. Нив наградите им ги додели Маја Хеско, претседател на Комисијата за општествени дејности на Советот на Општина Велес./У.Ј