Од летописите за Велес
Секој град си има своја историја. Градовите како Велес имаат и пишана и непишана историја, а богами најинтересна е она прераскажаната историја која се пренесува и пишано, ама многу пати и усно. Треба да ја следите, да ја читате , а повеќе и да ја слушате! Наидов на многу интересни моменти листајќи ги аналите и запишаните мисли и документи за Велес и велешани , за ретки моменти кои во историјата можеби и не се забележани или останале незабележани.
На пример, многу скоро дознав дека првиот воен заповедник на Ќупурли (Велес) по неговата изградба околу Новиот Мост (Yeni Most), се викал Ќарифим Деспот. Тој го потпишал првиот пишан документ во кој се споменува Велес (Ќупурли). Документот се однесува на распоредот на стражата на Мостот, на таканаречените Муселеми, чувари на мостот.
Во 1669 година,. еден европјанин, англичанецот Едвард Браун, го посетил Велес и оставил свој запис во кој го запишал :
„Кога дојдовме во Велес се пронесе вест дека избувнал пожар некаде во градот. Тоа внесе страв и паника меѓу многуте групи насобрани луѓе кои требало да патуваат кон Лариса, каде рекоа дека моментално престојувал Султанот. Тоа беа соколарите, државните службеници кои Отоманската држава ги плаќала да ловат, одгледуваат и тренираат соколи! Ги имаше многу, што значи дека овие простори изобилувале со вакви птици, кои беа многу ценети кај турските големодостоинственици.
Тие секоја година биле обврзани да му даваат на Султанот данок за својата работа, односно да му носат убави, силни и истренирани соколи, а за најдобрите имало и богати награди.“
Аџи Калфа, патеписецот, велел дека од Стамбол до Велес имало точно 16 дена одење пеш, но дека тоа не му било ни малку мачно, бидејќи доаѓал тука кога се берел бостанот, најубавите лубеници во царството,според него, растеле тука!
Во 1863 година низ велешко поминала и една англичанка, МекКензиева, која престојувала во еден велешки манастир и дознала дека манастирот чувал многу голема и богата збирка вредни црковни ракописи. Возбудените монаси и кажале дека добиле наредба од велешкиот владика Антим , кој патем речено бил гркоман и фанариот, вредните и значајни документи да бидат уништени! Но, монасите решиле да не го послушаат и тајно се спремале да ја префрлат целокупната збирка на некое сигурно место! Каде? Не знаеме до ден денешен!!
За Велес се зборува дека го имал првиот фотограф во Македонија.Тоа бил Аџи (Хаџи) Косте ( Костадин Крстев), „ зуграф и фотограф“ , како што самиот запишал на јужниот ѕид на манастирската црква „Света Богородица“ во Манастирот „Свети Димитрија“. За овој човек се знае и пак ќе кажеме, дека потекнува од богата велешка фамилија. Бил на студии по сликарство во Париз и од таму донел фотоапарат, само 16 години по неговото излегување на европскиот пазар. За жал , фотографии од него немаме, но еве за ова прилика го имаме неговиот нацртан лик, кој го објавуваме во овој текст.
Аџи Косте, првиот велешки фотограф
Од 1875 до 1912 година во Велес се создадени најпознатите и најубавите велешки народни песни кои ги пеела и велешката чалгија , но останале забележани и како песни со кои се опејувале некои позначајни настани врзани за градот. Од лирските народни велешки песни со љубовна и патриотска содржина тогаш се испеани песни како „Сејмен да шетам по Бузаана“, „Милето на Џајкови“, „Елено ќерко,Елено„, „Гена болна лежи“, од која некои велат дека покасно настанала „Ленче болно лежи“.
Од патриотските песни „Собрале ми се набрале велешките кираџии“, што е создадена по повод масакрот на четите на Јован Бабунски врз велешани, потоа „ Бог да бие учителот Парнарески“, опеана по немилиот настан поврзан со божемното грабнување на внукот на Весови од страна на членовите на ТМОРО, со цел да изнудат пари за купување на оружје за организацијата. На чело на Организацијата тогаш бил учителот Ризо Ризов, млад човек, за кого малку е пишувано во велешката историја, а има свој посебен удел во некои настани поврзани за борбата против турското ропство.
Сепак, најпопуларна и широко прифатена била песната која е испеана после убиството на Миле Поп Орданов, „Болен ми лежи Миле Поп Орданов“. Велaт дека народот од мака, не верувајќи во неговата смрт , место погибијата ,почетокот на песната ја започнал со „ болен ми лежи“ , со надеж дека можеби неговата мајка ќе го натера да стане. Барајќи утеха, народниот пеач и во песната останал доследен дека хероите не треба да умрат!
Инспирација за своите новели и песни и поетот и револуционер Коста Солев ги црпел од својот град. Во немногу познатата новела на Рацин „Татко“, самиот вовед асоцира на Велес. Главниот лик е Темо Крапчето, кој бил вистински лик и живеел во Велес.Тој е реално прикажан занаетчија од велешката чаршија, непосредно пред почетокот на Првата световна војна. Рацин преку него ги опишува велешките занаетчии со сите нивни навики, разбирања и заблуди , кои тешко се снаоѓаат во новите услови и со тага се сеќаваат на славното минато:
„Слезеш ли долу в чаршија,
минеш ли покрај дуќани,
пукот и врева – работа
и алтан полно чекмеџе! “
Во тоа време и болеста филоксера ги уништила велешките лозја и од лозарски и винарски град направила пустелија!
„Прикаски си останаја
старите бочви со вино!
Прикаски болни, таговни
грутки во срце снеговни!
—————————————-
И ноќе – слушаш ! – баботат
По бочвите сајбиите!
деца се плашат , бегаат
сништа за стари времиња! “
Занаетчиството во Велес се распаѓало. Тогашните велешки занаетчии ги затворале ќепенците и оделе да садат тутун. Сите во градот станале – Тутуноберачи!
„Велес. Рана есен. Се леат реки сонце по неговите стрмни сокаци и блеска од сонцето измиената калдрма. Куќа над куќа, како слепени кутии.Наредени една над друга и после косо наведнати низ благата стрмнина на ридот..Од една страна ридови, од друга страна ридови.По средето тече Вардар. Се искачувам нагоре по стрмни сокаци.Куќи оградени со високи камени ѕидови, раскошно нарисани со низи тутун. Се прелива на сонцето неговата златно- жолта боја.Мириса острата арома на никотинот – цело едно богатство за страсните пушачи. Погледајте сега: нема ништо ново. Раскапани покриви. Надвиснати се чардаците. А во собите, секаде тутун. Наскоро ќе почне да се „калапи“. Секое ливче треба повторно да се сложи и класифцира по боја.
Но, она што Темо Крапчето и неговите еснафи не можат да го сватат и разберат го сваќа неговиот син , кој осободен од баластот на илузиите, заблудите и еснафските приказни, самиот увидува дека занаетите неповратно изумираат и дека кукањето за „златните времиња“ треба да се заборават и да се тргне во бој за единство против новиот класен непријател.“
Тоа бил и денес е Рацин ! Единствениот.
Од летописите во поново време дознаваме и дека во 1964 година солистот Ацо Атанасов со Народниот оркестар на РТСкопје ја испеал народната песна за Димко Чаушот.
Ја знаете ли? Не би рекол дека ја знаете.
Тоа е и си останува – нашиот Велес!!
Љупчо Данов