Жителите на населбите околу каменоломот во варницата во Превелец со зелен отпор против загадувачот
Итна средбата со Министерот за животна средина Садула Дураки со барање за приоритетен одговор на прашањето : Kој дозволува пет месеци да работи без А интегрирана дозвола каменоломот во фабриката за вар во Превалец. Постојано документирање на граѓанските пријави за последиците од детонациите на минирањето во СВР Велес и на загадувањето со прашина што секојдневно ги трујат граѓаните. На средбата со екологистите на „Вила зора“ жителите на велешките населби Тунел и Керамидна во спротивно најавија превземање на радикални мерки како одбрана од загадувањето.
– Незнам на кој начин фабриката досега ги добивала дозволите за работа но сега кога го разгледав барањето за добивање на нова дозвола се чудам како е можно во него да пишува дека не исполнува ниту еден еколошки стандард за работа, како што пишува на веб страницата на Општина Велес. Министерството за заштита на животна средина мора да има добри причини зошто ја штити оваа фабрика и како им давала дозволи за работа, рече жител на населбата Тунел.
-Таа машинерија што ја има во каменоломот не може да добие А интегрирана дозвола затоа што е стара 30 години. Јас работам во фабрика и знам кои се услови треба да се исполнат за Б интегрирана дозвола па споредувам со тоа што го има во варницата и слободно ќе констатирам дека каменоломот нема шанси да добие А интегрирана дозвола. Освен нешто да стават на хартија дека ќе обезбедат ама за тоа се потребни инвестиции, рече жител на населбата Тунел.
-Не може граѓаните да не бидат вклучени во постапката на издавање на дозволите за загадувачи како што е каменоломот. Некој што живее во Скопје да одлучува за велешани, за дозвола која се однесува на загадувач во центарот на градот. Во кое време живееме?, рече жител од населба Тунел.
Револт на овие граѓани особено го поттикнало минатонеделното минирање во каменоломот кое ги вознемирило и возрасните и децата. Каменоломот и фабриката се сопственост на фирмата „Техно павер“ од Скопје.
-Од информации што ги имам од граѓаните во каменоломот се минира и со 2,5 тони динамит на едно минирање. Тоа што се случи минатата недела сите ние знаеме дека беше хаварија затоа што сопругите вознемирено од нас бараа помош а децата ни плачеа, рече жител на населба Тунел.
-Не не труе каменоломот само нас кои живееме околу фабриката туку и цел град затоа што ние гледаме како облаците во воздухот излегуваат од кругот на фабриката и се шират кон нашите домови но тие продолжуваат и кон останатите делови на Велес. Значи министерството со години, без правен основ, дозволува труење на цел еден град. Од тоа што навеле во Оперативниот план значи каменоломот нема услови за усогласување со драфт верзијата а камоли со А интегрирана дозвола за работа, рече жител на населба Тунел.
-Никој од нас не ги видел сопствениците. Имаше еден разговор во општина Велес на кој дојде правникот. Значи ако нивната толеранција е нула кон нас тогаш зошто ние да бидеме фер кон нив?Сметам дека треба да се организираат протести за подобро да не разберат, рече жител на населбата Тунел.
Овие граѓани, исто така, повторија дека каменоломот ја загадува и реката Тополка. Тие побараа веднаш да се стават во функција и двете мерни станици за амбиентален воздух во Велес кои подолго време не работат./У.Ј