Семејството на поп Диме Андонов во стар Велес
Немало жител во стар Велес што не го познавал и почитувал попот Диме Поп Андонов.Тој бил роден во 1850 година и со својата шеснаесет години помлада сопруга Султана, живееле на „Мегдан“. Поп Диме бил свештеник во црквата „Свети Пантелејмон“ а верниците за него велеле дека бил „ како леб добар човек“. Тој секогаш имал време да ги сослуша граѓаните и да им помогне на сиромашните.
Поп Диме и Султана биле родители на пет деца, на синовите Миле, Борис и Андон како и на ќерките Ленче и Родна. Негови браќа се двајца велешани: Ордан Поп Орданов и Тодор Поп Орданов. Различноста во презимињата е поради непишаното правило дека по име на дедо или прадедо, во тоа време, се составувало презимето на еден дел од потомците во семејната лоза.
Инаку и дедо му и татко му на Поп Диме биле свештеници. Коренот им бил од велешкото село Лисиче. Диме основно училиште завршил во родниот Велес, а учителска школа во Солун. Малку работел како учител. Се запопил по желба на неговиот татко. Свештеник бил во црквата „Свети Пантелејмон“ се до доаѓањето на Србите во Македонија кога поради тоа што службите ги извршувал на македонски и бугарски јазик го испратиле да богослужи во село Богомила каде што останал се до неговото упокоение во 1924 година.
Тој е дедо на велешанката Султана Поп Димeва – Здравкин. Таа е само еден од наследниците на ова, во стар Велес, познат попско семејство како ќерка на најмалиот син на поп Диме, Андон.
Нејзиниот татко, Андон, бил роден во 1898 година. По завршување на основно училиште во Велес се запишува и завршува Гимназија во Солун. По завршување се вработил во фабриката за производство на шарлаган на браќата Ѓошо и Ангел Органџиеви. Андон останал на работа и по национализацијата на фабриката во 1944 година.
„Татко беше добар и весел човек по карактер кој најмногу се радуваше на успехот на своите деца. Со мајка Родна живееја за нас, нивните децата. И покрај прераната смрт на двете мои сестри Лила и Ленче умееја да се носат со болката. Татко, како работник во фабриката на Органџиеви , имаше добра плата и ние добро живеевме. Желба негова беше да завршиме училиште и да бидеме добри и чесни граѓани,“ се присети 85 годишна Султана. Таа го носи името на нејзината баба, попадиката Султана.
Султана со мајка и Родна и татко и Андон
Татко и Андон, во 1930 година, се оженил со убавата мома Родна на велешкото семејство Јаневи. Освен двете починати ќерки Лиле и Ленче, третата Султана е родена во 1933 година и по две години, четвртата Борка додека единствениот син Димче, како најмлад во 1944 година.
„Мајка ми Родна потекнува од многу сиромашно семејство во Велес па затоа од млади години морала да работи тутун во Монополот. Затоа знаеше да ја цени сиромаштијата и се дури беше жива не престана да не советува дека треба да помагаме колку што можеме секому во невоља.Таа многу често ја потиснуваше горделивоста во себе, што ја поседуваше како карактер но исто така правеше реални проценки за доброто и го критикуваше тоа што е лошо кај луѓето, “ додаде Султана.
Фотографија од средношколскките денови на Султана Поп Димева Здравкин
Султана по завршување на основно образование завршила трговска гимназија во Скопје и во 1952 година се вработила во осигурителната компанија „ДОЗ – Македонија“ и веќе пишував дека во 1954 година Султана се мажи за градежниот техничар Методија Здравкин со кого ги имаат двата сина Огнен и Ангел Здравкин.
Нејзината сестра Борка се омажила за Бошко Настевски од Скопје додека братот Диме Поп Димев по основно и средно образование во Велес завршил Технилошко металуршкиот факултет во Скопје. Тој продолжил да работи на факултетот и напредувал до универзитетски професор. Се оженил за Ленче од Прилеп и тие се родители на две ќерки Билјана и Благородна.
Дел од семејството на поп Диме Андов
Куќата, во кое живеела попската фамилија Поп Андонови и денес се наоѓа на Мегдан. Таа е третата куќа од десна страна на улицата што води кон Којник .
Стоилко Андреевски