Спортска трка „Да трчаме, здраво е“ на ДРГЗП и Локалниот Совет за превенција од детско престапништво низ велешките улици
Над сто ученици од основните училишта, деца од детската градинка „Димче Мирчев“ и ученици како и граѓани кои ги прочитале објавите на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение од Велес , денеска, учествуваа во трката „Да трчаме, здраво е“. Трката по тринаесетти пат се одржа низ градските улици. Стартот беше на предниот влез на СОУ “Гимназија Кочо Рацин“ а целта на задниот влез на средното училиште.
Учесниците во малиот маратон „Да трчаме, здраво е“ трчаа по улица „Благој Ѓорев“ до „Пошта“ и потоа продолжија по улица „Алексо Демниевски – Бауман“ до целта. Тие го симболизираа пријателството, другарството, желбата за дружење кои се само дел од причините за востановување на оваа, веќе традиционална, активност на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение од Велес.
– Ова претставува втора активност која е предвидена да се реализира во рамки на Акцискиот план на Локалниот Совет за превенција од детско престапништво за 2019 година. Сакаме децата да се дружат, да се социјализираат, да бидат ненасилни и да ја трошат енергијата во спортски активности кои секако се општополезни од здравствен аспект. Трката ја организираме по тринаесетти пат. Од пред две години во соработка со Локалниот Совет за превенција од детско престапништво. Од годинава имаме и партнер, фирма која ја потврди својата општествена одговорност. Таа ни помогна да отпечатиме маички за сите учесници во трката и обезбеди освежување, рече претседателката на ДРГЗП Иванка Андова.
Благодарници им беа доделени на најбрзите учесници во трката. Нив ги добија и партнерот како и помагателите на активноста на ова велешко граѓанско здружение./У.Ј