(ФОТО) Еден загинат и втор потешко повреден возач во сообраќајката кај велешко Ново село, за живот во велешка болница се бори и тракторист
Еден загинат возач на комбе со скопски регистерски ознаки и потешко повреден возач на автобус на фирмата „Филe турс“ од Кратово, е билансот на тешката сообраќајна несреќа што вечерва,среда 31 јули, се случи на магистралниот пат Велес – Штип, во близина на велешкот Ново село. Десеттина минути пред 21 часот, автобусот и товарното кобе директно се судриле, рекоа за Дума.мк, патници кои во автобусот се качиле од Велес за да патуваат на летување на Црно Море во Бугарија.
– Одеднаш, неочекувано се случи се. Јас дури и не се сеќавам дека сопругот ме подигнал од подот на автобусот каде најверојатно сум излетала од седиштето. За среќа јас и ќерката поминавме со полесни повреди додека сопругот има рана на челото на главата и него лекарите му ја сошија.Ги поминавме снимањата и сега ги чекаме резултатите. На лице место загина возачот на комбето додека на возачот на автобусот му беа приклештени нозете па се чекаше да дојдат најверојатно пожарникарите за да го исечат тој дел од автобусот и да го извадат возачот. Што се случи потоа незнам, нас со возило на Итна помош не префрлија во болницата во Велес, рече патничката Јулијана Атанасова од Велес.
Во велешката Општа болница беа пренесени вкупно 19 повредени патници. Од нив потешко повредениот возач на автобусот веднаш беше внесен на снимање на апаратот за Компјутерска томографија. Дел од патниците со рани на главата и на очен капак беа прифатени во хирушките амбуланти каде дежурни хирурзи и ортопеди им ги шиеја раните и ги испраќаа на ренген и магнетни снимања.
-Само четворица од петнаесетте патници се задржани на болничко набљудување по реанимацијата додека останатите се прегледани и испратени на домашно лекување бидејки имаа лесни телесни повреди по телата, екстремитетите или расекотини кои веднаш беа санирани од дежурните лекари на Хирушкото одделение во болницата. Посериозни повреди има возачот на автобусот. Ги чекаме резултатите од компјутерското снимање затоа не можеме да ви дадеме конкретни информации за повредите, рече д-р Љупчо Леов специјалист ортопед.
Помеѓу полесно повредените патници освен од Велес има и жители на Гостивар и Кичево. Тоа се семјства што требало да летуваат во Бугарија. Со автобусот на фирмата „Филик транс“ патувале до Штип од каде требале да продолжат со друг автобус кон Црно Море.
До овој момент, на местото на несреќата, увид прави екипа на СВР Велес и Јавен обвинител. Резултатите од увидот ќе треба да ги откријат причините за несреќата.
Ова е втора несреќа денеска во велешко. Претходно, околу 17.30 часот, во ЈЗУ Општа болница Велес бил донесен и тракторист од селото Виничани. Тој со тешки телесни повреди се здобил кога се превртел со тракторот што го управувал. Хирурзите во болницата во Велес вршеа подготовка за негова операција./У.Ј