Др Славица Трајкова: „Почитувани властодршци, дали актуелното загадување на Велес можеше да биде запрено доколку бевте поагилни и заинтересирани за проблемите на граѓаните? “
На Велес му се случува огромно и неконтролирано загадување на воздухот што директно се должи на неколку поголеми извори за кои подолго време се дискутира, но никој не превзема никакви мерки за спречување на истото, реагира ОК на ВМРО ДПМНЕ. Според потпретседателката на општинската опозициска партија др Славица Трајкова таков е примерот со загадувањето што доаѓа од фабриката за производство на вар, „ Техно Павер“, која меѓудругото и со добиена А интегрирана еколошка дозвола им предизвикува енормно загадување на граѓаните од околните населби Превалец и Тунел, во Велес.
– Овие граѓани секојдневно се сведоци на огромните облаци од прашина, кои наликуваат на есенски магли, и не им дозволуваат нормално функционирање во овој дел од градот. Исто така, сведоци сме на двонеделна неподнослива вечерна миризба од фабриката за масло Благој Ѓорев или попозната како Маслодајна, за која зборуваат во континуитет граѓаните од целиот град. Како членови на ВМРО-ДПМНЕ, но пред се како граѓани на општина Велес, имаме чувство дека воопшто ништо не е превземено за решавање на проблемите, па затоа изразуваме сомнеж во начинот на добивање на дозволата на фабриката во Превалец, изразуваме сомнеж во ангажирањето на градоначалникот Коцевски и инспекторот за животна средина Шуркова Манаскова околу решавањето на проблемите, и најмногу сме изненадени од индолентноста на претседателот на Советот на општината Ненад Коциќ, кој во годините наназад ревносно се бореше за решавање на еколошките проблеми, но сега воопшто не се ангажира и ја префрлаат вината во недоглед еден на друг, а сето тоа оди за жал на сметка на граѓаните и нивното здравје, пишува др Трајкова во соопштението за јавност.
ОК на ВМРО ДПМНЕ и др Трајкова директно им се обраќаат и ги прашуваат градоначалникот Коцевски, инспекторката Шуркова Манаскова и претседателот на Советот на Општина Велес.
– Почитувани властодршци, дали ова загадување можеше да биде запрено доколку бевте поагилни и заинтересирани за проблемите на граѓаните? Дополнително сакаме одговор и на прашањата: -Кога ќе се постави т.е поправи мерната станица за мерење на квалитетот на воздухот во општината? Дали овие скоро две години на некој од општинското раководство му одговара оваа мерна станица да не биде во функција и дали кријат нешто од граѓаните на општина Велес во однос на загадувањето?, прашува д-р Трајкова.
Потпретседателката и опозициската ВМРО ДПМНЕ, исто така, бараат граѓаните да бидат информирани дали локалната власт ќе поднесе соодветни поднесоци против сопствениците на фабриките кои, според нив, со несовесното работење директно влијаат на загрозување на здравјето на граѓаните./У.Ј