За Коледе, Бадник, Божиќ….
Овие денови многу празници се надоврзаа еден на друг, па редно е да се потсетиме кои обичаи спаѓаат во религиски , а што останало од она ,,паганското“ во нашите обичаи и верувања. Вечер е ,,Коледе“, пагански празник, поврзан со многу дамнешни обичаи и верувања, чии корени се губат во традицијата, која никаде не е ни запишана, туку се пренесува усно од генерација на генерација.
Подготовките за палењето ,,Коледарски огнови“ треба да се веќе завршени и материјалот да е спремен. По старо оган се пали со ,,валовец“, сува трева која се собира порано и се складира на суво, за да гори со силен пламен. Граѓаните се натпреварувале кој ќе запали поголем оган, кој ќе се вивне повисоко и ќе ја осветли околината. Цел на палењето оган е повикот на дружење, разгонување на мракот, доживување на колективно задоволство преку пеење песни кои имаат еротски – „срамни“ стихови . Некои велат дека тоа е ,,вовед“ во некаква си сексуална поука на младите или поедноставно кажано – откривање на сексуалноста и разликите меѓу половите.
Во Велес на огновите се пеат многу вакви песни – „мрсни“ како што велешани ги нарекуваат, но најчесто се пее оваа:
.. Коледе леде, паднало греде
Утепало деде, деде се мачи, баба го квачи,
За четири јајца , гускини, шаткини, о,о коледе!
Утре е Божиќ, ќе јадеме свинско месо,
Ќе пиеме рујно вино….“
Значи, правилото е на Коледе, пред Бадник, како последен ден на божиќните пости, јадењето да е посно. Но традицијата е поинаква, коледарските огнови се палат во раните утрински часови, а на огнот се печат домашни коласи, се пие и вино и ракија и се делат домашно приготвени колачи или ,, гугутки“, како што се нарекуваат.
Денес традицијата е изменета. Младите од приквечер, со првиот мрак, започнуваат да ги палат огновите, се собираат на скара, топла ракија и музика.
Порано, кога огнот стивнувал младите се натпреварувале кој ќе го прескокне огнот, а денес кога дрвата го заменуваат ,,валовецот“, такви јунаци се се` поретки.
Значи ,, бадникарски огнови“, ,, бадникарска погача“ и ,,бадникарчиња“, се новонастанати изрази кои во Велес се непознати и кои создаваат извесна конфузија. Старите велат дека такво нешто немало порано, а во некои краеви е тоа донесено како српски обичај. ,,Бадникарскиот кум“ можеби постои во Србија , ама кај нас како појава го немало.
Значи, ,, коледарски огнови“, ,,коледарчиња“ ,,колачиња“ се стари пагански, одомаќени и прифатени изрази во Велес и како такви да ги практикуваме.
Но, со оглед на загадениот воздух и воопшто животната средина би било пожелно огновите да бидат помали, симболични и скромни за да придонесеме сите заедно во заштитата на средината од која зависи нашето здравје.
Бадник е друга приказна. Таа вечер семејството се собира заедно, на посна трпеза, скромна и традиционална. Со неа завршуваат божиќните пости и се најавува доаѓањето на Божиќ, односно раѓањето на Исус Христос, синот Божји, чие доаѓање на свет ги исполнува со радост Христијаните. Бадник и Божиќ се црковни празници и како такви треба да се практикуваат со сите нивни доблести.
Месењето на лепче со паричка, велат, се практикувало на Василица или Стара Нова година, кога според кажувања Св.Василиј му делел златници на народот преку лепчиња. Но, кај нас поодамна овој обичај се практикува токму на Бадник, кога се крши лепче со паричка, а оној кај кого ќе се падне паричката ќе го прати среќа цела година.
Но, во Велес има една изрека ,, му се паднала паричката на Бадник…“ за човек кој нема среќа, односно некои паѓањето на паричката ја доживуваат како несреќа. Што е исправно не се знае, само се почитува сечие верување. Ако веруваш дека си среќен, ќе бидеш среќен !!
Нема да дискутирам дали се сложувате во се` со мене, но традициите се такви – секој може да си додава или одзема и да ги пречекува празниците според своите верувања и начела.
Значи, секој нека си слави според своите сознанија и при тоа нека биде среќен и задоволен.
Среќни празници и ,, Христос се роди“! Доаѓа Божиќ !
Љупчо Данов