(ФОТО) Хуманитарна акција во храна, за велешани да имаат празнична трпеза, пред Гостилница „Боеми“
– Повелете, ова е подготвен оброк за Вас и платен од добронамерни луѓе пред се сопственици на фирми но и индивидуални граѓани. Можете да изберете има три вида на подготвена храна, велеше Трајче Мешков. Вака тој ги канеше и случајните минувачи, граѓани кои припаѓаат на категоријата семејства во социјален ризик да земат од прихотвената храна.
Сто и педесет спакувани посни оброци по повод верскиот празник Бадник денеска беа поделени на исто толку граѓани на Велес кои припаѓаат на на категоријата семејства во социјален ризик. Оброците што ги добија велешани се состоеја од посно гравче и ориз печени во тава, пире и парче риба. Со секој спакуван оброк се делеше и леб. Храната ја подготви Гостилница „Боеми“ пред чиј влез,исто така, се делеа оброците.
– Станува збор за условен оброк а тоа значи дека во гостилницата доаѓа донатор и плаќа одреден број на оброци што потоа се подготвуваат од вработените и се делат на семејства во социјален ризик. За денешната хуманитарна акција подготвивме 150 оброци, толку успеавме да собереме средства од донатори, кои се наменети за претстојните празници Коледе и Бадник. Станува збор за посна храна. Гостилница „Боем“ пак има подготвено над 500 оброци за сограѓани на принципот доаѓа донатор плаќа условени оброци кои потоа се делат на сограѓани во социјален ризик. Се надевам дека во 2020 година ќе има уште поголем број на донатори и дека оваа хумантарна акција ќе ја продолжиме повеќе пати,во споредба со лани, и што поголем број на граѓани и фирми ќе ја поддржат, рече сопственикот на гостилницата Трајче Мешков.
Граѓаните кои добија оброк ги благословуваа донаторите. На упатените честитки: „ На здравје да ви е храната, честити празници“ тие одговараа сo „ Здравје да имате вие и тие што ни овозможија да имаме храна на нашите трпези и секако честити празници“.
Во гостилница „Боем“ сеуште има подготвени оброци кој граѓаните можат да си ги земат до вечерва, недела 5 јануари.
Минатата година, гостилнца „Боеми“ со двете граѓански организации „Хаус од хоуп – Ленче Здравкин“ и Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ како и пиљари, месарници, фирми и индивидуални граѓани од Велес организираа повеќе хуманитарни акции за обезбедување на храна за семејства во социјален ризик./У.Ј