Коцевски: Трајно ќе се санира свлечиштето Цуцка под Долни Дуќани,
„Народот вели, ако е забавено – барем не е заборавено. По многу мои барања и по упорно инсистирање и по жестоките критики на социјалните мрежи, од кои дел оправдани заради доцнењето, но дел неоправдани, политички мотивирани и тендециозни, затоа што патот е регионален, а не локален, по темелни подготовки, анализи и геомеханички испитувања, трајно ќе се санира свлечиштето Цуцка под Долни Дуќани, ќе се изгради потпорен ѕид помеѓу патот и пругата и ќе се санираат оштетените делови од регионалниот пат, напиша во својот фејсбук статус градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски.
Според Коцевски за реализацијата на проектот ЈП за државни патишта на јавен тендер избра специјализирана фирма за таков вид работи и објави дека работите што ќе зе изведуваат ќе чинат повеќе од 20 милиони денари. Тој во исто време се заблагодари на државното претпријатие и на директорот Зоран Китанов.
Претходно, Китанов, за Дума.мк, потврди дека избраната фирма за изведување на работите на карпата „Цуцка“ ќе треба да ги започне градежните работи по божиќните празници. Ќе треба да се работи темелно и да се санира комплетно целиот рид.
Во исто време ЈП за државни патишта, овој месец, го очекува и проектот за санација и рехабилитација на регоналнот пат Велес – Демир Капија со цел за што побезбедно патување на граѓаните./У.Ј