Дуридански: Добивме значајни информации за состојбата во локалните медиум во Велес, за новинарите и за новнарите дописници
Од триесеттина новинари и сниматели пред 13,5 години до пет новинари и двајца сниматели сега, од работа со опрема што ја добиваа исто како и изнајмени простории од страна на националните медиуми до работа од дома, од дневна соба, за хонорарен ангажман или евентуално плата – минималец како и за неможноста да се обезбеди реклама што е единствен приход на локалните медиуми, доцна попладнево во Велес, разговараа новинарите и претставниците на Синдикатот на новинари и медиумски работници на Македонија.
На првата средба што претставници на раководството, со нов мандат на ССНМ, ја имаа со новинарите во Велес исто така беа предочени и напуштањата на професијата од страна на изградени новинари како и сниматели со долгогодишно професионално искуство кои избраа да работат во фирми наместо во медиуми затоа што професијата веќе не е ни платена ниту атрактивна а не е поддржана и од бизнис заедницата.
– Отворени беа прашањата и проблемите со вработување во медиумите, висината на платата, К-15 за медиумските работници, опрема за работа, службени возила и простор. Добивме значајни информации за состојбата во локалните медиум во Велес, за новинарите и за новнарите дописници. Треба да се решаваат не едно туку повеќе прашања. Главно статусот на новинарите во заедницата. Потребно е организирање и заеднички настап за да се изнајдат решенија на проблемите како што се финансирање, работни услови, плати итн, рече по работната средба Дарко Дуридански од Синдикатот на новинари и медиумски работници.
Затоа е потрено зачленување на новинарите во синдикатот на медиумски работници. Формирањето на синдикалните организации во поголемите, националните медиуми ќе овозможат преговори со работодавците, сопственици на медиуми од една и од друга страна со властите за прашања од законодавен карактер.
-Обединети и побројни кога имало инцидентни ситуации или системски решенија поминувале нашите синдикалните забелешки и барања пред властите. Заедничкиот настап раѓа повеќе резултати отколку поединечните иницијативи. Тоа е главен предизвик на сите па и на синдикатот на медиумските работници во Македонија. Мора да се подигне свеста дека без заеднички настап не може ништо да се постигне, додаде Дуридански.
Главен предизвик за ССНМ сега се малите редакции во локалните средини или новинарите кои отвориле интернет медиуми и тие не можат да формираат основна синдикална организација. Но можат поединечно да се зачленат во синдикатот на медиумски работници преку кои заедно со останатте колеги ќе можат да бараат решенија на проблемите. Репрезентативноста на синдикатот е особено значајна и кога негови претставници учествуваат во работните групи за промени во Закон за работни односи, услови за работа и друго.
Убавка Јаневска