Се продадоа парцелите во индустриската зона „Мамутчево“
Само уште една парцела остана за продажба во индустриската зона „Мамутчево“, кај Велес. На новите сопственици им се брза иако дел од нив немале уредни документи па морале да ги подготват согласно пропозициите на јавниот повик. Сега останува, овој месец, општина Велес да им ги издаде одобренијата за градење по што инвеститорите ќе можат да ги градат индустрискте капацитети.
Објавувајќи ги информациите поврзани со продажбата, градоначалникот Аце Коцевски ги соопшти и очекувањата.
– Очекувам по добивањето на одобренијата за градба да започне изградбата на индустрискте капацитети со што ќе се отворат стотици нови работни места во бизнисите што ќе ги започнат во оваа индустриска зона, рече Коцевски.
Индустриската зона „Мамутчево“ која се протега на 67 хектари, се наоѓа во непосредна близина на експресниот пат Велес – Штип.
Градоначалникот на денешната прес конференција информираше и за актуелните инфраструктурни и комунални зафати што се реализираат на територијата на Општина Велес како што се реконструкциите на водоводните линии на улиците: „8 Март“ и „Богдан Каракостев“ со финансиски средства од проектот на Европска инвестиона банка, што во градот овозможија реалзација на вкупно осум реконструкции, се довршува сообраќајното решение кај зградата на ДОЗ, се тампонираат банкини на штотуку бетонираната улица „Шефки Муратов“ во населба Превалец, фирмата „Изгрев инжинеринг“ работи на градежни работи кои можат да се изведуваат во зимски услови, како канали и банкини, на патот кон село Сливник, се градат трасите за велосипедски и пешачки патеки заедно со паркингот кој се дел од проектот „Смарт Езеро Младост“, фирмата Геоинг“ работи на санација на карпата на улица „Димко Најдов“ под Градски Саат и се поправа урбана опрема, се поставуваат ракохвати како и огради на повеќе улици.
Деновиве општната очекува Агенцијата за млади и спорт да го воведе во работа изведувачот на градежните работи на градскиот фудбалски стадион „Зоран Паунов“ за што се обезбедени 16 милиони денари и со првото покачување на температурата, фирмата „Стентон инжињеринг“, да го започне комплетното санирање на карпата „Цуцка“ со поправка на патот за што ЈП за државни патишта обезбеди 20 милиони денари. /У.Ј