Два пожари денеска во Велес
Ако утрово, исто како и вчерашниот ден, лекарите се справуваа со повредени граѓани во верижни судири и сообраќајни несреќи денеска, петок, 17 јануари пожарникарите гаснеа покриви на штала и на куќа во Велес. Првиот пожар се случи на десната а вториот на левата страна на градот.
Изгоре покрив на штала и опожарени се две простории од објектот, на улицата „Богдан Каракостев“ . Шталата се наоѓа скоро на врвот на ридот веднаш до резервоарите за вода на левата страна на градот. Нема повредени граѓани и угинати говеда. Пожарот избил околу 13 часот и веднаш бил пријавен во Територијалната противпожарна единица.
Пет пожарникари со две помали противпожарни возила учествуваа во гаснењето на пожарот што беше видливо и од центарот на Велес. Чадот високо се издигнуваше над запалениот објект. Кон запалената штала се упати и големо противпожарно возило но набрзо се врати. Додека дел од граѓаните коментираа дека цистерната поради големината не може да се пробие на врвот на ридот други прогнозираа дека веќе присутните две помали возила успеваат да се справат со огнот.
Според Центарот за кризи, пожрот е ликвидиран за два часа, поточно во 15 и 15 часот. Причинета е материјална штета.
Овој пожар се случи шест часа по првиот на улица „Димко Најдов“ во месноста Долни Дуќани. Таму се запали покрив на куќа. Нема повредени граѓани. Пожарот бил пријавен во 7 часот. Десет пожарникари со три противпожарни возила за два часа успеале да го ликвидираат огнот.
Куќата е спасена но уништен е катот од неа и изгорен е покривот./У.Ј