Велешанка почина од ковид-19, нема ни новозаразени ниту новооздравени во Велес
26.05.2020
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациентка од Велес нa 78 гoдишна возраст која поради компликации на здравствената состојба од Инфективното одделение на велешка болница беше транспортирана на 14 мај годинава. Таа е седми случај на заболен граѓанин од Велес што ја изгуби битката со невидливиот непријател. Еден од починатите беше од Чашка. И денеска нема новоинфицирани велешани од „Ковид 19“. Според соопштението на Министерството за здравство денеска нема ниту новооздравени сограѓани.
Денеска Институтот за јавно здравје објави дека регистрира 14 оздравени пациенти. Од нив 3 се од Скопје и 11 од Тетово.
Освен починатата велешанка на Инфективна клиника починати се и пациент од Тетово (84г) во ГОБ „8 Септември“ ,примен во болница на 20 мај, како и пациентка од Скопје (76г) примена на 19 мај.
Во последните 24 часа направени се 314 тестирања, а регистриран е 16 нови случаи на ковид-19.
– Скопје 9
– Штип 5
– Струга 1
– Гостивар 1
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2014, бројката на оздравени пациенти е 1453, на починати е 116, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 445.
Досега во земјата се направени вкупно 25841 тестирања на ковид-19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 169 теста се во рамките на скринингот. Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје во Велес, Кочани, Куманово и Скопје во градинки и геронтолошки установи и не се регистрирани позитивни случаи на ковид-19.
Во однос на вкупниот број заболени воочен е технички превид при евиденција кај еден од тестираните во рамки на скринингот и согласно исправката направена е корекција на вкупната статистика. Вработената во геронтолошкиот завод во Скопје е негативна на вирусот и досега, освен два позитивни резултати во градинка во Битола и Скопје, не се регистрирани други позитивни случаи преку скрининг./У.Ј