Од наредната недела брисови за Ковид 19 ќе се земаат на старата локација и се отвора пазарот во Нова населба, одлучи Кризниот штаб на Општина Велес
10.07.2020
На одржаната 20 седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување оценето е дека состојбата со Ковид-19 во Велес и велешко е стабилна, но ризиците и понатаму се големи.
-Поради тоа што ризиците и понатаму се големи апелирам на крајна внимателност и голема претпазливост, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Од страна на претставникот на ЈКП Дервен Кризниот штаб бил информиран дека еднаш неделно се врши темелно перење и дезинфицирање на Градскиот пазар.
По денешниот увид на Комисија, формирана од Кризниот штаб, донесена е одлука за отворање на малиот пазар во Нова населба. Пазарот ќе биде пуштен следниот петок, на 17 јули, годинава,кога ќе започне да работи само во пазарните денови, поточно во вторник, во петок и во недела.
Кризниот штаб не донесе одлуки за употреба на рефлекторите на ракометните и игралиштата за мал фудбал, за поставување на забавниот парк поточно рингишпил, за користење на вовчето и на автомобилчињата во Младинскиот парк.
Од четврток, 16 јули, годинава земањето на брисови на можни заболени граѓани од Ковид 19 се враќа во просторијата на поранешната зграда на ООУ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот” од просторот на амбулантата во поранешната зграда на хотел „Вила Зора“./У.Ј