Средношколците од Велес со 10 приоритети за подобро образование и поквалитетен живот во градот
22.09.2020
Формирање на Советот на млади на Општина Велес, анкета и изјаснување на средношколците каков вид на настава сакаат во четирите училишта во услови на Ковид-19, училишта со шкафчиња за ученичка опрема, современ инвентар и опремени кабинети со нови технички помагала, лифтови и пристапни рампи за соучениците со посебни потреби, реновирани тоалети со средстав за лична хигиена, разделени женски од машки во ОСУ„Јовче Тесличков“ и опремени за одржување на менструална хигиена. Ова се само дел од приоритетите по мерка на средношколците во Велес.
-И Средношколските заедници треба да бидат составени од ученици по наша мерка, значи наши предлози а не по избор на професорите или директорите. Ние сме волонтери, затоа на насловната страница на флаерот напишавме „Ајде да волонтираме!“ затоа што сметаме дека еден дел од поминатото време на телефон и интернет можеме да го резервираме за убави и општокорисни работи. На пример општината да определи површина на која ќе го засадиме првиот парк со лаванда. Ќе ја негуваме и одгледуваме и бербата со помош на обучени жени, креативки, на Фондација Фокус ќе искреираме и создадеме вреќички во кој ќе го собираме родот. Тие можат да се продаваат во суверниците што ќе ги отвори Општина Велес во рамки на проектот „Езеро Младост – паметно езеро“ а средствата од продажбата ќе ги уплаќа на посебна сметка на фондацијата. Така ќе можат да се инвестираат во нови паркови со лаванда, лалиња или други билки кои повторно ќе се продаваат, рече Ивана Мирчевска секретар на Клуб на млади на Фондација Фокус.
Средношколците на синоќешниот настан го чекаа градоначалникот Аце Коцевски за да ги соопштат своите приоритети и да дебатираат со цел тие да влезат во приоритетите на општината. Коцевски поради седницата на Советот на Општината, која почна со задоцнување не дојде, па сега средношколците ќе ги достават по пошта. Ќе ги чекаат и јавните расправи за програмите и буџетот на Општина Велес за 2021 година кога имаат намера да ги предложат и да ги бранат.
-Ние сметаме дека се потребни кампањи против расна, верска, политичка нетрпеливост особено на социјалните мрежи и исто така борба против наркотичните средства. Во исто време сме подготвени за пошумување на голините околу градот, сакаме и велосипедски патеки и згрижување на напуштени или бездомни кучиња. Засега ги исселектиравме овие приоритети на кои работевме во изминатите 15 дена. Имаме и други предлози но тие ги чуваме за подготовка на проектни апликации за да обезбедиме финансиски средства и да ги реализираме, рече Моника Алтиева од Клубот на млади на Фондација Фокус.
Дел од барањата, за кои е надлежна државата, средношколците ќе ги испратат до министерството за образование.
Настанот беше организиран според протоколите за заштита од Ковид-19.
Првите 10 приоритети се дел од двете акции што средношколците ги детектираа во акциите што ги спроведоа во рамки на проектот „Младите и европските вредности“ на Коалиција на младински организации „Сега“. Проектот е финансиски поддржан од Генералниот секретаријат на Владата на Северна Република Македонија преку програмата за финансиска поддршка на здруженија и граѓани./С.А