Почина доајенот на велешкото радио спикерство Љупка Прличкова Мијакова
17.01.2021
По кратко боледување и на седумдесет и седум годишна возраст, утрово во Велес, почина доајенот на велешкото радио спикерство Љупка Буба Мијакова, Таа е препознатлива по авизото „Зборува Радио Титов Велес“, снимен со нејзиниот радиофоничен глас, со што секој ден и цели 35 години постарите велешани го слушаа со децении на почетокот на програмата на локалната радиостаница. Авизото со гласот на Мијакова сега се наоѓа во архивот во Велес.
Мијакова се до своето пензионирање беше една од вкупно двете главни спикерики на радиото. Освен локалните вести што новинарите од информативната редакција ги произведуваа на територијата на тогашната општина, во чиј состав влегуваа и сегашните Чашка, Градско и Лозово, гласот на Мијакова го содржат голем број на документарни и специјализирани емисии. А токму со нив велешката радиостаница се натпреваруваше на годишно ниво на Деновите на македонско радио каде во конкуренција со останатите радио станици во државата Радио Титов Велес а потоа и Радио Велес има освоено бројни први, втори и трети места, плакети и награди.
Во работниот век Мијакова беше сестран соработник на младите новинари и соработници кои доаѓаа и работеа во радиостаницата. Тие токму од неа практично се запознаваа со правилната дикција, изговор на зборови и градење на сериозен пристап при читањето на вестите.
Буба Прличкова Мијакова на шеснаесетгодишна возраст беше вработена во локалната радиостаница во 1960 година и работеше се до неговото затворање во 2007 година. Таа се пензионираше во 1996 година. Но и во пензионерските денови учествуваше како наратор во медиумски производи на независни продуценти и продуцентски куќи.
Буба Мијакова во друштво со колегите Кире Саздов (средина) и Никола Медаров (десно) пред некогашното Радио Титов Велес
Прличкова Мијакова беше директен потомок на најголемиот велешки и македонски актер Петре Прличко и сопруга на најсестраниот спортист на Велес на 20 век, Тодор Мијаков – Кошот.
Погребот на Буба Мијакова ќе се одржи утре во 14 часот, на гробиштата во црквата Свети Пантелејмон во Велес.
Во последниот поздрав до неа ќе напишеме: „Почивај во мир, добра и сестрана душо, нека ти е лесен патот кон вечноста, велешани ќе го чуваат споменот на твојот уникатен и милозвучен глас“.
Убавка Јаневска
Фотографии: tirekovmirece.com