Велешките компании започнаа да си обезбедуваат работна сила

Јавното комунално претпријатие „Дервен“, Агроиндутриската групација „Агрија“, „Леов компани“, „Брако“, германската инвестиција „Маркарт“ и швајцарскката Компанија „Ронтис“ , ова се велешките компании кои го прават пионерскиот чекор навреме да си обезбедат соодветен стручен кадар за нивните потреби. Тие ги препознаа придобивките од дуалното образование и веќе станаа социјални партнери со средните стручни училишта кои продуцираат кадри, барани на пазарот на трудот. Средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“ од годинава за прв пат се вклучува во дуалното образование и формираше две паралеки, месари и месопреработувачи и техничари за заштита на животна средина. Својата практична настава, техничарите за заштита на животната средина ќе ја изведуваат во ЈКП „Дервен“. Таму ќе учат како се преработува суровата вода во чиста и здрава вода за пиење.

„ Учениците ќе работат и во лабораторијата на комуналното претпријатие каде ќе се запознаат со микробиолошките и физичко-хемиските анализи на водата кои се прават пред таа да се пласира во водоводниот систем. Исто така учениците ќе можат да работат и на примарна селекција на отпадот, нешто што се прави веќе неколку години. На сите оние ученици кои што ќе се запишат на оваа паралелка им посакуваме многу успех во училиштето, успешна кариера и се надеваме дека еден ден можеби ќе станат дел од нашиот работен тим“, рече Тодорка Пенкова Андреевска од ЈКП „Дервен“.
Во Велес нема невработен месар. Потребата на „Агриа“ од месари и месопреработувачи ја поттикнаа компанијата навреме да ја обезбеди работната сила за нивните производствени капацитети. Уште пред две години, во соработка со училиштето создадоа паралелка за месари и месопреработувачи кои веќе го „испекоа“ занаетот.

„Со исклучителната соработка што ја имаме со средното училиште ние успеавме пред две години да создадеме струка, преку Биро за развој на образование. Учениците од оваа паралелка се кај нас на пракса , веќе работат и има индиции да бидат вработени во нашата компанија. Сега склучивме договор за дуално образование и ќе создаваме струка која што ја нема на пазарот“, рече Томе Бабунски од Групацијата „Агриа“.
Сега на потег се деветтоодделенците , каде ќе го продолжат своето образование. Ќе изберат ли да учат занает и да се вработат веднаш штом ќе го завршат и ќе продолжат да се едуцираат или пак ќе останат само бројка во бирото за вработување.
Убавка Јаневска
