Велешките ученици подготвија „цветни бомби“ кои се медоносни за пчелите и ги фрлија во природа
Педесет и четворица учениците од основното општинско училиште „Васил Главинов“ од Објект 2 – лоциран во населба Превалец, подготвија „цветни бомби“ коишто се медоносни за пчелите а воедно и го прочистуваат воздухот. Тие во средата ги подготвија „цветните бомби“ коишто се состојат од семиња од багрем, сончоглед и диви ливадски цвеќиња коишто лесно може да се прилагодат на условите за расадување, а во текот на вчерашниот ден ги фрлија во природата.
-Во пресрет на пролетта и во чест на пчелките со цел да живееме во чиста средина со богат биодиверзитет, учениците се приклучија на пролетната офанзива ,,ФРЛИ ЦВЕТНА БОМБА“ . Всушност, да им помогнеме на пчелите да засадиме што повеќе медоносни растенија. Нашето училиште се наоѓа во непосредна близина на фабриката која произведуваше вар. Нам ни требаа повеќе цветни бомби. Насмеани детски лица, со нивните вредни раце во средата ги подготвија цветни бомби од растенија кои се медоносни за пчелите, а вчера, четврток ги фрлија во природа, појасни наставничката Лили Арсова.
Со фрлање на „цветните бомби“ во природа, учениците од ова училиште, втора година по ред се приклучија на пролетната офанзива „Фрли цветна бомба“ на Слоу фуд Македонија за зазеленување на природата.
Стефани Манева