Загадениот воздухот во Тунелот, што го дишат и децата од градинката, го предизвикуваат фирмите кои ги поправаат улиците (фото)
Шест пати повисоките концентрации на ПМ 10 во велешкиот воздух ги предизвикува фирмата изведувач на градежните работи на улиците во населба „Тунел“ затоа што не прскаат со вода додека работат. Ова го тврди општина Велес во одговор на новинарските прашања на Дума.мк за причината на високите вредности на загадувањето измерени во месец март на државната мониторинг станица за квалитет на воздух „Велес 2“ којашто се наоѓа на локација во дворот на детската градинка во оваа велешка населба.
„Службените лица од Одделението за заштита на животната средина секојдневно го следат квалитетот на амбиентниот воздух од Државната мониторинг станица односно мерна станица Велес 2 лоцирана во населба Тунел. Преку дневните извештаи објавувани на веб страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во последно време е констатирано дека граничната вредност на параметарот ПМ 10 е надминат во неколку последователни денови. Во изминативе два месеца Одделението за заштита на животната средина редовно вршеше увид на работењето на проектната локација , редовно беше известуван и Изведувачот на работите и Надзорниот орган дека прскањето на работните површини е задолжително во овој случај пред започнувањето со градежните активности. Од извршен увид на 03.04.2023 во Записник е констатирано дека градежните активности се вршат , но цистераната со вода со која се врши оросување не е на локацијата и не е извршено распрскување во раните утрински и предпладневни часови на локацијата. Итно е препратен ургентен допис до Изведувачот и до Надзорниот орган за итно поставување на цистерна со вода за секојдневно распрскување на работните површини и патеки со цел намалување на емисиите на параметарот ПМ10 во амбиентниот воздух,“ соопшти општина Велес.
На загадување со ПМ10 честички, како последица на реконструкцијата на улиците „Благој Ѓорев“ и „Живко Фирфов“, континуирано се жалат граѓани кои живеат во населба „Тунел“. Фирмите изведувачи на градежните работи „Кирил“ ДООЕЛ од Скопје и “Градба промет“ од Кавадарци загадување предизвикуваат и пред објектот „Дизни“ во кои дневно престојуваат 163 деца на ОУДГ„Димче Мирчев“.
Убавка Јаневска