Три трети места за џудо клуб „Кожувчанка“ на државно првенство
Македонија ги доби новите шампиони во џудо во сениорска конкуренција. Со насловот најдобри во својата конкуренција во земјата на државното првенство кое во организација на Џудо федерацијата на Македонија, а со техничка организација на џудо клубот Кожувчанка се одржа во Кавадарци, се закитија вкупно 13 џудисти, од кои шест женски и седум машки.
Мартин Тодорочески од џудо клубот Сеишн беше најдобар во конкуренција од 60 килограми, Борче Ангелов од Пролетер до 66 килограми, Марко Пановски од истиот клуб во категоријата до 73 килограми, Владмир Талески од Сеишн до 81 килограм, Дарко Костовски од Вардар до 90, Бобан Савев од Миоки до 100 килограми и Јове Божиновски од Сеишн во категоријата над 100 килограми.
Кај девојките Арбреша Реџепи од Ипон немаше конкуренција во категоријата до 48 килограми, Наталија Динова од Миоки беше прва во категоријата до 52, Берна Шерифовска исто така од Миоки ја потврди доминацијата во категоријата до 57 килограми, Катерина Николовска од Миоки до 63, Барбара Башеска од Пролетер до 70 килограми, и Ангела Велковска од Миоки во над 78 килограми.
Покрај пофалбите за одличната организација, џудо клубот „Кожувчанка“ освои и три трети места, кои ги задоволуваат очекувањата на тренерот Марјан Колев. „Иако имавме неколку пехови, што поради повреди, што поради отсуства, сепак заокруживме уште едно успешно државно првенство, како на организациски, така и на натпреварувачки план. Боите на клубот ги бранеа Наталија Ризова која освои трето место во категоријата до 70 килограми, Миле Плачков исто така го освои третото место, но во категоријата до 60 килограми, а на истата позиција во категориајта до 81 килограм се најде и Никола Станоев, кој и покрај повредата добиена уште во првиот натпревар, стисна заби и со две победи во финалните две борби си обезбеди пласман помеѓу првите тројца. За жал, повредата која ја доби уште во првиот натпревар го оддалечи Сашко Ангелов од пласман помеѓу најдобрите во категоријата до 90 килограми. Ме радува тоа што Наталија Ризова иако требаше да се натпреварува во категоријата до 57 килограми, сепак покажа храброст и феноменално се бореше со потешките противнички. Секако, морам да напоменам дека екипата не беше целосно комплетна, па така на шампионатот не ги видовме Димитар Колев, Драган Биков и Никола Богевски, но очекувам дел од нив да бидат подготвени за двата следни натпревари, на 20 март во Прилеп и 27 во Битола“ – вели Колев.
Во својата изјава за медимуте, Колев надополни дека изминатата седмица, Сашко Ангелов, Наталија Ризова, Никола Станоев и Миле Плачков се стекнаа со црн појас први дан, додека Димитар Колев со кафен појас.
На првенството кое за отворено го прогласи претседателот на џудо федерацијата на Македонија учествуваа вкупно 55 натпреварувачи од 8 клуба, од кои 38 машки и 17 женски./А.Д