Велешките Гемиџии најгласни на арената Филип Втори!
Заслужено велешани го добиват епитетот најверна навивачка група која ја бодри македонската фудбалска репрезентација.
И синоќа како и на претходните репрзентативни натпревари Гемиџиите беа највпечатливи на трибините на арената „Филип Втори“.
Најгласно ја бодреа нашата фудбалска репрезентација која ја победи Данска со 3:0.
Во поддршката најупорни беа само велешани кои со транспаренти, тапани и пиротехнички средства и овој пат го свртеа вниманието кон себе.
Денеска на социјалните мрежи осамнаа фотографии со Гемиџиите, но и коментари дека иако наликуваат сепак не се навивачки групи на Ајакс или Бока.
Ниту студеното време вчера попладне не ги спречи Гемиџиите да се соберат пред споменикот на Кочо Рацин пред Гимназијата и од таму организирано да заминат во Скопје.
Дума.мк веќе пишуваше за поддршката што Гемиџии ја даваат и за градскиот клуб Борец, кој иако сеуште игра во трета лига Југ, на натпреварите дома се чувствува како да е во некоја од големите европски лиги токму поради навивањето на Гемиџии.