„Фени“ се зацврсти на втората позиција
Тежок натпревар но на крај заврши со славје за кошаркарите на „Фени индустри“ на гостувањето кај Карпош Соколи. Со резулат 77-81 „Фени“ се зацрврсти на втората позиција на суперлигашката табела.
Сакајќи да покажат дека натпреварот со МЗТ Скопје беше само слаб ден, кошаркарите на Фени Индустри влегоа крајно мотивирано во натпреварот со Карпош Соколи, и уште по неполни 4 и пол минути игра стигнаа до предност од 9 поени. Во продолжение од првите 10 минути Фени уште на два пати беше на поен до двоцифрена предност, но „магичната“ граница беше премината дури по 4 минути игра од вториот квартал кога Симиќ погоди тројка за 26-37. Тројката на Вуд и неговото фантастично додавање до Амонс кое заврши со атрактивно забивање му донесе позитива на Фени од цели 14 поени, но до полувреме домаќините елимираа пет поени од предноста, па на пауза се замина со резултат 38-47.
Брилјантната игра од првото полувреме избраниците на Малинков ја продолжија и по одморот. Од минута во минута предноста на Фени растеше, достигнувајќи го својот максимум во 27 минута од натпреварот, кога Кемп погоди за предност од 17 поени, 42-59. И покрај големата негатива, играчите на Соколи не помислуваа да се предадат, и со серија од 15-5 ја стопија предноста на Фени на достижни 7 поени, 55-62. Предноста на Фени продолжи да се топи и на стартот од последниот период, а на само пет минути до крајот Кнежевиќ му донесе изедначување на својот тим, прво по воведните 3-3, а три минути подоцна екс играчот на Фени погоди за највисоки пет позитива за Карпош Соколи. И кога сите мислеа дека Фени нема сили да се врати во натпреварот, на сцена настапи Карло Враговиќ, и со 7 поени во последните 50 секунди го заоркужи неверојатното шутерско шоу од 10 удари без ниту едно промашување, за голема победа на Фени од 77-81.
Вуд со 24 и Враговиќ со 16 поени беа централни фигури во дресот на Фени, во кој впечатлива улога имаа и Кемп и Машиќ со 11 односно 9 поени. Кај Соколи најдобри беа Мијајловиќ со 20, Рајс со 16 и Кнежевиќ со 12 постигнати поени./А.Д