Конституиран новиот Управен Одбор на АД ГРК „Борец“ со Ристе Велковски како извршен директор
Ристе Велковски како извршен директор на Акционерското друштво ГРК „Борец“ и Стојан Мирчевски, Петре Климкаров, Марјан Неделковски, Томе Бабунски, Тоше Кирков, Дарко Тикваров, Марјан Грумбаровски, Тоше Тутарков, Тони Шопов и Петре Здравковски како нови членови на Управниот одбор на машкиот градски ракометен клуб. Нив на последната седница ги изгласа Советот на Општина Велес.
-При изборот се водеше сметка да се изберат граѓани кои што имаат поврзаност со ракометот, биле играчи и луѓе кои имаат менаџерски способности што ќе можат да ги практикуваат во клубот. Секако тие треба да вложат напори за да им помогнат на играчите и тренерите да постигнуваат успешни резултати во понатамошната сезона на првенството, рече претседателот на Советот на Општина Велес, Душко Петров.
Исто така во составот на новиот Управен одбор на градскиот ракометен клуб ќе членуваат и двајца граѓани од навивачката група „Ѓемиџии“.
– Од причини што сметавме дека тие треба да бидат вклучени и информирани како и да учествуваат во работата на ГРК „Борец“. Од името на Советот на Општина Велес им посакувам успешна работа и што побрзо да се конституираат и да започнат со работа, додаде Петров./С.А