Државните претпријатија купуваат струја главно од две претпријатија
Во првите две години од либерализацијата на пазарот државните претпријатија купиле струја за 18,2 милиони евра од вкупно 4 приватни снабдувачи, при што 89% купиле струја од истите две компании – Мист Енерџи и Фјучр Енерџи, го објави Призма истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Според ова истражување во првите две години од втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија (април 2014 – април 2016 година) како купувачи на слободниот пазар се јавиле 22 државни претпријатија, а како снабдувачи со електрична енергија 4 приватни компании. Во анализираниот временски период се склучени 45 договори за набавка на струја во вредност од 1,1 милијарда денари односно 18,2 милиони евра.
Истражувањето покажа дека правото за набавка на струја на слободниот пазар го искористиле 22 од потенцијалните 28 државни претпријатија кои според процените на Регулаторната комисија за енергетика ги исполнуваа условите за тоа од април 2014 година. Станува збор за втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија во која право да купуваат струја на слободниот пазар стекнаа претпријатија со повеќе од 50 вработени и обрт од над 10 милиони евра.
Најмногу пари за набавка на струја потрошило скопското јавно претпријатие Водовод и канализација. Ова претпријатие има склучено четири договори во вкупна вредност од околу 314 милиони денари, односно 5,1 милион евра. Првиот едногодишен договор е склучен на 30 април 2014 година, по што следувале два анекси на основниот договорот, а четвртиот договор е склучен во август 2015 година за период од 12 месеци. Сите договори за набавка на електрична енергија на ЈП Водовод и канализација – Скопје се склучени со фирмата Мист Енерџи ДООЕЛ Скопје.
Второ на листата на најголеми потрошувачи на електрична енергија е Македонски Железници – Транспорт кое за периодот 2014-2016 година склучило три договори за набавка на струја. Првиот во јуни 2014 година, вториот во септември 2015 и третиот договор кој сѐ уште е во тек е склучен во декември 2015 година за период од една година. Вкупната вредност на овие договори на МЖ – Транспорт изнесуваат околу 280 милиони денари, односно 4,5 милиони евра. Сите договори се склучени со фирмата Фјучр Енерџи увоз-извоз ДООЕЛ Скопје.
Следува АД Македонска Пошта кое склучило два договори за набавка на струја, од коишто првиот во август 2014 година за период од една година и вториот во септември 2015 година за период од 2 години. Вкупната вредност на овие договори изнесува 105 милиони денари, односно 1,7 милиони евра. И двата договори на Пошта се склучени со фирмата Мист Енерџи ДООЕЛ Скопје.
Во првите пет државни институции што склучиле највредни договори за набавка на електрична енергија влегуваат и Македонски Железници – Инфраструктура со потрошени 1,5 милиони евра за период од 2 години и Јавното претпријатие за државни патишта, со потрошени 907 илјади евра исто така за период од 2 години.
Текстот во целост прочитај го ТУКА.