Фуере: ЕУ загрижена за демократијата во Македонија
Нема алтернатива за Македонија, освен членство во ЕУ, изјави Ерван Фуере за Гласот на Америка.
Фуере, поранешен евроамбасадор во земјава, моментално работи како аналитичар на Центарот за европска политика во Брисел. Тој изјави дека Европа е загрижена за состојбите во Македонија, кое е причина за изоставањето на државата од дневниот ред на Европскиот совет.
„…Отсуството на политички дијалог, недоволниот напредок во надминување на штетата од драматичните настани од 24-ти декември. Тоа не е имиџ за една земја – кандидат за ЕУ. Нема алтернатива на политичкиот дијалог, консензусот и почитувањето на слободата на медиумите“ рече Фуере.
Тој исто така коментираше дека не постои друг начин за напредок, освен да се реши спорот со името, за кој мора да постои дијалог од двете страни. Поранешниот амбасадор јасно изјави дека Македонија ќе биде во тешка состојба се додека не најде решение и се приклучи кон ЕУ.
„[Хрватска] Дава добар пример дека со определеност и компромис, можно е да се надминат сите предизвици при пристапувањето… Да се надеваме дека Македонија еден ден ќе сфати дека само со суштински реформи, ќе може да им се приклучи на другите“ смета поранешниот евроамбасадор.
Л.С.