ММА со предлози за законот за медиуми
Македонската медиумска асоцијација, во која членуваат петте национални телевизии, во Собранието ги достави предлозите за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со кои се бара подобрување на ситуацијата во медиумската сфера, јави АлсатМ.
ММА бара укинување на членот 92 со кој се уредува количеството на домашно медиумско производство, намалување на паричните казни, како и неопходно емитување на терестријален сигнал од кабелските оператори.
ММА смета дека со предложените измени ќе се подобри состојбата во работата на телевизиите, при што се бара и уредување на порталите за да се обезбеди фер-плеј на медиумскиот пазар.
И СДСМ предложи измени во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кои се всушност препораките на посредникот Питер Ванхојте.
Албанските партии побараа модификација на предлогот на СДСМ, инсистирајќи во него да мора да се вклучат прашања важни за албанската заедница.
„Ние секако дека го поддржуваме секој процес што ќе помогне во создавањето на коректна и демократска атмосфера. Треба да се модифицира, да се опфатат барањата на Албанците и да постигнеме компромис и консензус меѓу страните за тоа што може да средиме сега и што треба да средиме по изборите“, рече Артан Груби, ДУИ.
„За јавниот сервис, бараме да се смени името „Македонска радио-телевизија“, да има 24-часовна програма на албански јазик, со адекватно финансирање, како и укинување на радио-дифузната такса, која во основа е непотребна за граѓаните. Оние кои ги поддржуваат овие барања, ја имаат ДПА за партнер“, изјави Беким Фазлиу, ДПА.
Решавањето на прашањето за медиумите останува еден од главните услови наведени и од Меѓународната заедница за одржување фер и демократски избори.