Адвокатската комора не дала согласност за притвор на адвокатите од „Агент“!
Управниот одбор на Адвокатската комора свикал итна седница, на која донел одлука дека не дава согласност да се определи мерка притвор против двајцата скопски адвокати, кои се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за перење пари во акцијата „Агент“,објави Плусинфо.
Тоа се случило откако до Адвокатската комора на Република Македонија вчера било поднесено барање за добивање согласност за определување мерка притвор на двајцата адвокати, Владо Пешликовски и Васко Томановиќ .
„Согласно член 21 став 2 од Законот за адвокатура “Адвокатот не може да биде лишен од слобода ниту притворен за кривично дело сторено при вршењето на адвокатска дејност без претходна согласност од Адвокатската комора на Република Македонија”, се наведува во во известувањето од Адвокатската комора, доставена до Основниот суд Скопје 1.
Сепак истражниот судија им одреди мерка триесетдневен притвор на Пешликовски и Томановиќ, како и на поранешниот разузнувач Богоевски.
Тоа се случило откако Јавното обвинителство го повлекло предлогот за определување мерка притвор за кривичното дело во кое се јавуваат во својство на адвокати, а предложило мерка притвор за кривичното дело во кое немаат такво својство. Адвокатите се осомничени како сопственици на фирми, а не како правни застапници.