Жерновски ја запре изградбата на катна гаража!
И изградбата на катната гаража во барок стил која се градеше за потребите на ЕЛЕМ во паркот спроти хотелот „Бристол“ е стопирана. Вакво решение донесе градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, јави Плусинфо.
„ Очекувам Советот на Центар да изврши ревизија на Деталниот урбанистички план и со неговата промена, изградбата на оваа катна гаража ќе биде стопирана. Ние нема да дозволиме узурпација на Центар, имаме јасен став, а тој е дека нема да продолжиме да бидеме послушник на централната власт. Не сакам да се плаќаат пенали или да има тужби, но мора да застанеме на нозе и ревизијата за „Скопје 2014“ мора да ѝ биде приложена на јавноста. Граѓаните мора да дознаат на кој начин се трошеле нивни пари за тој проект, тоа се нивни пари. Големо е прашањето кој ќе ги надополни оние 300 милиони евра, тоа не се пари на владата или на некој министер, тие се на народот “ рече Жерновски.
Според планот, катната гаража требало да има три ката под земја и плус девет во висина. Земјиштето го откупила државата од општина Центар за 100 евра по квадрат.
Претседателот на Советот на Центар, Миодраг Шиповиќ, истакна дека Советот и градоначалникот Жерновски се единствени во намерата да се заштитат интересите на жителите на Центар и зеленилото и животната средина.