Жерновски наследил празна каса во Центар!
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска обвини дека неговиот претходник од ВМРО-ДПМНЕ му оставил празна каса.
„Буџетот за 2013 е однапред потрошен. Очекуваниот прилив за до крајот на годината е 350 милиони денари, а 340 милиони денари се преземени обврски. Со земените кредити за двете катни гаражи во висина од 5 и пол милиони евра, потрошен е уште еден буџет. Најбогатата општина има празен буџет. Со земените кредити за двете катни гаражи во висина од 5 и пол милиони евра, потрошен е уште еден буџет “ рече Жерновски.
ВМРО-ДПМНЕ ваквите обвинувања ги отфрли и смета дека новиот градоначалник си барал алиби, оти не знаел како требало да работи.
„Тој ниту еднаш не понуди реален концепт и реално остварлива програма. Затоа денеска наместо да понуди конкретни решенија за граѓаните на Центар, се уште бара оправдувања за неговата безидејност. Знаеме дека Андреј Жерновски и понатаму ќе се занимава со се, освен со работите кои треба да ги сработи. Свесни сме дека како и досега така и во натамошниот период Жерновски ќе бара виновници кај другите, само за да ја покрие својата неспособност. Тој се занимава со глупости, зборува за опструкции, рушења, дислокации и мораториуми на место да се зафати со решавање на потребите на граѓаните на Центар и да изгради нешто.“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.