И Телма неизбалансирана!?
Советот за радиодифузија оцени дека Телевизија „Телма“ за локалните избори со уште седум телевизии извествала не избалансирано. Ваквата одлука на СРД е спротивна на оценката на ОБСЕ, за тоа како медиумите ги покриваа локалните избори.
„ Kатегорички ги отфрламе наводите на СРД и провидниот обид работите околу медиумското покривање на изборите да се релативизираат со тоа што сите ќе се стават во ист кош. Уште во текот на изборниот процес укажувавме на недостатоците на мониторингот на СРД, со кој, на пример, не беа опфатени вестите на Телма од 15,30 часот, а беа опфатени вестите на сите други телевизии што почнуваа половина час подоцна. Друго прашање е тоа што подразбира и како СРД ја третира избалансираноста во известувањето. Ни порано, ни денес, ниту утре Телма избалансираноста нема да ја третира исклучиво со мерење на секундажа, туку и со содржините што се емитуваат во таа секундажа. Оставаме, како и секогаш, гледачите да го кажат конечниот збор, а секој што на било кој начин го следеше изборниот пулс на телевизиските гледачи, многу добро знае колку високо котираше Телма. Тоа се потврди и во сите извештаи на меѓународните набљудувачи“ се огласи „Телма“.
Во нивната реакција се нагласува дека иако добиле првомајска и велигденска честитка од СРД, немало ништо да ги поколеба да продолжат по нивниот програмски и уредувачки пат.
„Нема да потклекнеме пред какви и да е партиски влијанија на луѓето кои доделуваат нови национални концесии, затоа што им требаат пари“ реагираше тв Телма.
И дел од членовите на СРД не се согласуваат со одлуката и „Телма“ да добие прекршочна пријава.
„Јас лично не се согласувам за Телма да донесеме одлука за попведување прекршочна пријава, затоа што тоа ќе биде навреда, не за мене, туку за Советот, ако се земе предвид какви сè позитивни епитети доби Телма од ОБСЕ за покривањето на изборите. Беше потенцирано дека е единствената ТВ која се обидува да направи разлика помеѓу изборната кампања и активностите на Владата, кои се во функција на изборната кампања, притоа користејќи критички осврт. Телма само во првиот круг има пречекорување и според извештаите, информациите и образложенијата кои што се пристигнати од телевизијата, тоа се случило и поради тоа што дел од активностите на Телма биле пуштани не само во двата информативни блока кои се мониторирани од советот, туку и во вестите кои се емитуваат порано. Покрај тоа, Телма нема прекршување по основ на посебни информативни емисии“ рече Столе Наумов, член на СРД.
Првиот човек на СРД, Зоран Трајчевски остава на судот да ја одреди казната за медиумите.
За неизбалансирано известување на медиумите во тек на изборна кампања казните се движат од 1500 до 3000 евра./ A.Д