Колку иселеници има Македонија?
Само 120 илјади Македонци пријавиле дека живеат во странство, но институциите се уверени оти бројот е многу поголем. На земјава и е потребна прецизна евиденција за тоа колку наши македонци живеат во дијаспората.
Агенцијата за иселеништво ги користи статистичките податоци од странските земји, кои исто така не се до крај прецизни, но со кои се доаѓа до бројката од околу половина милион иселени Македонци.
„Ваквото мапирање на дијаспората на доброволна основа покажува скромни резултати. Нам не ни требаат скромни резултати, мора да стигнеме до колку што е можно поточни податоци“, вели Васил Наумов, директор на Агенција за иселеништво.
„Не сум убеден колку бројките се важни. Можете да имате голема дијаспора, но без резултат, а може да имате и мала, а многу силна дијаспора“ рече министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Немањето прецизна евиденција за тоа колку иселеници живеат во странство создава притисок и за време на изборниот процес.
На последните локални избори, македонски државјани од странство се враќаа за гласање, иако во законот е јасно наведено оти дијаспората има право на глас само на парламентарни и на претседателски избори.