Ќе се снимаат операциите во здравствените установи!
Сите комплицирани операции кои ќе се извршуваат во македонските здравствени установи ќе се снимаат. Направената снимка ќе се користи како доказ за тоа дали докторот направил грешка при интервенцијата, за да нема паушални обвинувања. Ако навистина лекарот направил грешка ќе биде казнет, а во спротивно тие што обвинуваат ќе треба да му платат отштета.
Ова е дел од содржината на Правилникот за снимање на медицинските интервенции и архивирање на снимките кој го презентираше денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.
Задолжително ќе се снимаат специфичните случаи, операции кои ретко се прават и интервенции за кои има мал број на обучени доктори. Ќе се снимаат сите ендоскопски и лапароскопски интервенции, а по барање на докторите специјалисти може да се снимаат и други.
Правилникот стапува на сила од средината на септември годинава, за што некои установи ќе треба да набават нова опрема за снимање.
Парични казни и една година затвор ќе заработат директорите кои нема да овозможат интервенцијата да биде снимена, а исто така и здравствениот работник кој имал услови за снимање, а не снимал.
Снимен материјал ќеможе да се издаде по барање на надлежните институции, како Судот или по барање на специјалисти. Истите ќе им служат и на студенти и специјализанти по медицина за совладување на техниките./ А.Д