Започна екстерното тестирање!
За 60 минути околу 200.000 основци и средношколци денеска електронски ќе одговораат на 30 прашања од електронските тестови во рамките на првото екстерно оценување во државава кое почна утрово во 8 часот.
Тестирањето ќе се спроведува се до 8 јуни, а знаењето на учениците и објективноста во оценувањето на наставниците се проверува по два предмета. Со екстерно тестирање се опфатени 15.000 наставници.
Учениците имаат можност да се навратат на некој одговор за да го поправат доклку се премислат. Подготвени се 55.000 прашања по различни предмети од материјалот што е изучен во текот на учебната година. Ученици во еден клас или одделение може да бидат тестирани по различни предмети.
Изземени од електронско тестирање се матурантите зашто ќе полагаат државна матура (на 8-ми и на 11 јуни) и учениците од прво, второ и трето одделение кои се оценуваат описно.
Оценките кои ученикот ќе ги добие по двата предмета од екстерното тестирање ќе бидат впишани во свидетелството и ќе влијаат на неговиот вкупен успех. Во свидетелството ќе стојат и оценките кои по тие предмети ученикот ги добил од наставникот. Оценките од екстерното се внесуваат во свидетелство за учениците да бидат засегнати од тестирањето.
Долгорочно, целта на екстерното е учениците да добиваат оценки реални на нивното знаење, а наставниците да бидат заштитени од притисоци на родители да поправаат оценки. Наставниците кај кои ќе има отстапувања меѓу оценката што ја дале и онаа од тестот ќе бидат советувани, а тие со големи отстапувања ќе добијат помала плата.