Конференција на претседатели на парламенти во Охрид!
Во Охрид денеска и утре се одржува десетата Конференција на претседатели на парламентите на ПСЈИЕ во чиј фокус е разгледувањето на меѓупарламентарната соработка во регионот и улогата на националните парламенти врз влијанијата предизвикани од економската криза и останатите предизвици.
Со конференцијата ќе претседава претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Ќе присуствуваат претседателот на бугарското Национално собрание Михаил Миков, хрватскиот спикер на Парламентот Јосип Леко, претседателот на Претставничкиот дом на Романија Валериу Згонеа и потпретседателот на Сенатот Флорин Констатинеску, претседателот на српското Национално собрание Небојша Стефановиќ, претседателот на турското Големо Национално Собрание Џемил Чичек, претседателот на словенечкиот Национален совет Митја Бервар и потпретседателот на Националното собрание Рената Брунсколе, како и потпретседателите на Претставничкиот дом на БиХ и на Црна Гора, Милорад Живковиќ и Суљо Мустафиќ.
Поради изборите во Албанија на конференцијата во Охрид нашиот сосед ќе го претставува претседателот на парламентарниот Комитет за надворешна политика Фатос Беја, додека од Грција ќе присуствува претставник за регионална соработка и партнерство во рамките на ПСЈИЕ.
Освен официјалните претставници, како гости на конференцијата ќе учествуваат заменик-претседателот на Европскиот парламент Ласло Сурјан, претседателот на Генералното собрание на ОБСЕ Волфганг Грошрук, генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ, поранешната потпретседателка на германскиот Бундестаг Петра Блаз Рафајловски, поранешниот потпретседател на бугарското Национално Собрание Георги Пирински, како и претставници на фондацијата Фридрих Еберт и Секретаријатот за парламентарна соработка во ЈИЕ.