ССНМ: Непотребна демонстрација на сила при апсењето на новинарот!
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски рабптници со голема загриженост ја следи информацијата за вчерашното апсење на новинарот од страна на МВР.
Во соопштението од ССНМ се вели дека во ситуација во која обвинетите за убиство се ослободени, апсењето на новинар кој информирал за случајот, во спектакуларната акција „Ликвидација“ – име што само по себе носи страотна порака, со специјални сили, во присуство на семејството не може да биде разбрано поинаку освен како непотребна демонстрација на сила.
Колегата ниту бил во бегство, ниту бил опасен, ниту бил недостапен за полицијата за врз него да се применат такви мерки. Не навлегувајќи во природата на случајот, а врз основа на пресумпцијата на невиност според која никој не е виновен додека не се докаже спротивното, сметаме дека ваквиот третман на новинар е непримерен и неоправдан, стои во соопштението од Синдикатот на новинари.
ССНМ апелира да се земе предвид дека апсењето на новинар на овој начин ќе има последици врз состојбата во професијата и ќе биде удар врз истражувачкото новинарство кое сите го бараат, но станува се поретка појава во македонскиот медиумски простор.