Во Охрид оживеа духот на акцијаштвото!
Објавено на 1 јуни, 2013 во 21:47
По 28 години духот на акцијаштвото, кое некогаш обединуваше илјадници млади од сите краеви на поранешна Југославија, повторно оживеа во Охрид, каде во 1985 година се одржа последната сојузна работна акција „Брег на младоста“, пренесе Охрид њуз.
Станува збор за иницијатива на група ентузијасти од Охрид кои формираа акцијашки клуб и ја реафирмираа идејата за акцијаштвото Тие имаат цел за обединување на слични клубови од регионот во движење на волонтери кои ќе работат доброволно во духот на новото време.
-Тоа значи дека нема да се копира масовноста на младинското ангажирање, бидејќи тоа е едно старо време и во овие нови услови мотивацијата да се учествува во волонтерските кампови не може да биде она што беше кога тие се организираа во бивша Југославија. Основата на волонтаризмот ќе биде доброволност, професионално ангажирање и неплатеност.-изјави Славко Николоски, од акцијашкиот клуб „Брег на младоста“.
Охрид викендов е домаќин на првиот акцијашки камп во Македонија, на кој учествуваат стотина претставници на акцијашки клубови од земјва и државите на поранешна Југославија, Германија и Швајцарија. Тие се присетија на старите времиња и акциите за кои ги врзуваат големи пријателства кои, како што велат, ги одржуваат до ден денес.
Акцијашите во време на поранешната држава учествуваа во изградба на автопатишта и бројни капитални инфраструктурни објекти, потсети познатиот хумирист Војче Китаноски, ударник на акцијата Сараево -Шамац во 1978 година.
Учесниците на првиот акцијашки камп во Охрид потпишаа Декларација за афирмација на акцијаштвото и волонтаризмот, и ги договорија насоките на соработка во иднина. Меѓу првите активности ќе биде вклучување на волонтерските клубови од регионот во проектот за заштита на Дримскиот басен кој ќе отпочне со реализација в година./Г.М