ЗНМ бара странските амбасади да се заложат за ослободување на Кежаровски!
Здружението на новинари денеска испрати писмено барање до сите амбасади во државата со кое бара да се заложат за ослободување од притвор на новинарот Томислав Кежаровски. ЗНМ во писмената реакција искажува загриженост поради неговото притворање.
„За нас, уште е нејасно зошто судските органи не покренаа постапка против новинарот Кежаровски пред пет години откако ја објавил информацијата, кога евентуално и можело да се предизвика штета на истрагата. Сега таква опасност не постои затоа што заштитениот сведок повеќе нема таков правен статус. Ние ја спориме и мерката притвор против Кежаровски која има неколку нејасности . Во неа е наведено дека новинарот бил недостапен на мобилен телефон, дека тој имал четири мобилни телефони и дека не им се јавувал на мобилен телефон ниту на блиските пријатели. Другото објаснување е дека Кежаровски како новинар можел да влијае и врз јавноста! Во одлуката не е прецизирано како Кежаровски може да влијае врз јавноста, дали доколку пишува за случајот „Ореше“, или за детали од истрагата. Доколку судот му забранува да пишува и го притвора по тој основ, тогаш тоа според нашето законодавство и Уставот е класична цензура . Во македонскиот закон за кривична постапка, во членот 191 се утврдени околностите под кои може да се изрече мерката притвор: опасност осомничениот да ја напушти земјата, да влијае на сведоците и да го повтори делото. Според досегашните сознанија со кои располагаме и консултациите што ги имавме со правни експерти, ниту еден од овие услови не е исполнет за да се оправда притворот против Кежаровски. Се сомневаме дека основна причина заради која е притворен новинарот еда му се изврши притисок да го открие изворот на информацијата. Од одговорните на весникот каде работи тој, бевме информирани дека единствено барање на обвинителот во досегашната истрага било новинарот да го открие изворот и дека ќе биде пуштен на слобода. Според нашиот Устав и меѓународните документи, изворот на информациите е заштитен.
Друг елемент на загриженост е исто така дека колегата е опфатен во група на организиран криминал и уште не знаеме која е неговата улога во таа група. Стравуваме дека тој свесно е опфатен во ова група за да биде искористен како сведок против другите притворени во овој случај. Освен тоа, сметаме дека од аспект на етичкиот кодекс на новинарите, колегата постапил правилно кога ја објавил информацијата затоа што бранел легитимна цел, злоупотреба на заштитен сведок, во судска постапка за случај за убиство. Подоцна, заштитениот сведок јавно признал дека изјавата со која ги товарел осомничените како извршители на убиство, била изнудена од полицијата. Ако не ја објавеше информацијата новинарот, можело двајца граѓани да бидат осудени на долгогодишна робија во неразјаснети околности. Нашиот кодекс не обврзува да ги почитуваме законите на нашата држава, но исто така не обврзува да не криеме и да објавиме информација, која на било каков начин го загрозува јавниот интерес.
Ве повикаме да се заложите за да се разјаснат околностите околу притворот на нашиот колега и да се дознае кои се обвиненијата против него“, пишува во соопштението на ЗНМ испратено до амбасадите.