Објавен новиот нацрт-закон за медиуми!
Како што вчера најави министерот за информатичко општество, Иво Ивановски објавен е новиот нацрт текст на законот за медиуми, кој предизвика остри полемики меѓу новинарската фела и еснафските здруженија.
Во него се вградени дел од забелешките пристигнати и од новинарските здруженија, и од меѓународни асоцијации, а една од клучните измени е што во членот четири е отстранета опасноста од цензура со тоа што одредбите се прецизирани дека „ограничувањето на слободата на медиумите да биде само во согласност со Уставот и меѓународните норми“.
Поголема промена која е важна за интернет сцената е што дефиницијата за „електронските публикации“ е изменета. Збунувачката дефиниција дека електронски публикации се „уредувачки обликувани програмски содржини кои се објавуваат на веб страни достапни за поширока јавност“ сега е сменета да ги опфати само весниците и магазините. Ова значи дека блоговите, форумите и друштвените мрежи нема да бидат опфатени со законот.
Сепак, барањата на ЗНМ, МИМ и синдикатот од законот да се повлече се што не е обврска од европската директива за аудио-визуелни медиуми, не се прифатени, а за голем дел одредби на кои негодуваа и дел од новинарите, стигнати се спротивставени коментари од ОБСЕ и Советот на Европа, па за нив допрва ќе се одлучува какви решенија ќе бидат предложени.