Со гушкање ќе се брани ГТЦ од барок!
Обрач од прегратки околу градскиот трговски центар, собирање потписи, јавно говорење на познати уметници. Асоцијацијата на архитекти се надева дека масовноста на овој протест ќе овозможи барем минимална шанса за спас на објектот од новиот барокен изглед. Се оградуваат од каков било политички или партиски контекст,а единствениот мотив им е зачувување на духот и карактерот на ГТЦ.
– По предложената измена и трансформација на овој објект, сметавме дека толку важен објект за историјата и културата и функционирањето на еден град, треба многу внимателно да се третира и заради тоа одлучивме да реагираме за да не се упропастат и уништат неговите суштински вредности, – рече Даница Павловска, претседател на Асоцијацијата на архитекти.
Со Павловска се согласуваат и поголем број скопјани кои сметаат дека новиот изглед на ГТЦ, но и на сите околни објекти кои имаат или допрва ќе добијат барокна фасада полека го уништуваат идентитетот на центарот , но и на градот Скопје .