Охриѓани се жалат, ги напаѓа гавран!
Последните неколку денови граѓаните се жалат дека агресивни птици напаѓаат од дрвата спроти полигонот за мали спортови, кај градинката „Јасна Ристеска“ и ОУ „Григор Прличев“, објави Охрид њус.
– Бев нападнат од гавран, кој се обиде да ме исколва со клунот. За среќа, со себе имав понесено чадор, па успеав да го оттргнам од намерата. Нареден пат, ќе поминувам од спротивната страна на улицата. За ова појава му раскажав на мој пријател,кој вели дека на овој потег имал слична случка.“ – рекол граѓанин.
Оние кои секојдневно поминуват оттука тврдат дека се работи за птица од видот гавран, која агресивно се однесува и ги напаѓа луѓето кои се обидуваат да влезат во училиштето.
– Среќа што е завршена учебната година, па оттука не поминуваат деца. Птицата е најагресивна во утринските часови, а проблемот беше присутен и минатата година. За оваа појава треба да се известат надлежните институции и охридските ветеринари, со цел да утврдат зошто птицата е агресивна и како трајно да се реши проблемот, – рекол охриѓанец, кој секојдневно поминува на оваа локација.